Голем штрајк на германските машиновозачи
14 ноември 2007Штрајкот на машиновозачите треба да заврши дури во сабота наутро. Синдикатот бара од железницата да му биде поднесена понуда врз основа на која ќе може да се преговара и во која ќе биде предвиден посебен тарифен договор за машиновозачите. Што се однесува до барањата за зголемување на платите и работните времиња, синдикатот најавува подготвеност за преговарање.
Железницата останува на свое
Претседателството на германската железница, барем до вчера, остана црвсто на своето и е непопустливо пред барањата на ГДЛ. Железницата нема понуда за синдикатот, зашто како што се вели, нема да се дозволи уцени да врши мало малцинство. Гинтер Киншер, пак од претседателствто на синдикатот на машиновозачите, е убеден дека наскоро целите на штрајкот ќе бидат постигнати:
“Ако бројките што се објавуваат секојдневно се точни, за тоа колкави економски штети трпи Германија при ваков штрајк, тогаш притисокот врз претседателството на железницата ќе биде многу, многу голем и се надевам и посакувам во интерес на Германија и на нашите членови, овој штрајк наскоро да заврши и да ја постигнеме нашата цел.“
Можен е и временски неограничен штрајк
Доколку штрајкот се одвива според планираното, товарниот сообраќај ќе мирува 62 часа, а превозот на патници 48 часа. Шефот на синдикатот на машиновозачите, Манфред Шел, најави дека доколку железницата дотогаш не даде нова понуда, синдикатот тешко ќе може да му се спротивстави на повикот на базата за временски неограничен штрајк.