1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

WM-Kommentar

24 август 2009

Светското првенство во атлетика донесе врвни резултати и возбудливи спортски приказни и...заслужи повеќе публика!

https://p.dw.com/p/JHAe
Фотографија: AP

За задоволството, во прв ред, придонесе Усеин Болт, суперѕвездата на спринтот, кој гарантира спортски екстреми и шоу, значи - најдобра забава. Два фантастични светски рекорда на 100 и 200 метри постави 23-годишниот атлетичар од Јамајка. Никој не знае дали тоа беше голем спорт, или само големо кино. Сомневањата за допинг остануваат, но и за Болт важи дека нема вина додека не се докаже. Неговите настапи беа сјајни, а тоа важи и за двојниот светски првак на пет и десет илјади метри, Кенениса Бекеле од Етиопија.

Постигнато неочекуваното

Не беше толку самопосебе разбирливо дека и германските претставници ќе се погрижат за незаборавни моменти. Ни најсмелите оптимисти во германскиот тим не очекуваа два златни, три сребрени и четири бронзени медали. Притоа, имаше и приказни, какви што ни сценаристи не ќе смислеа: на пример, дека Штефи Нериус, на 37-годишна возраст, на последното свое големо натпреварување, ќе стане светска првенка во фрлање копје. Или, приказната за фрлачот на диск Роберт Хартинг, кој прво со своите изјави ги сврте сите против себе, за потоа да триумфира во натпреварувањето и тоа со последното фрлање. И Аријане Фридрих, која посакуваше злато, а освои бронза во скок во височина, се погрижи за возбудувања во дуелот со светската првенка Бланка Влашиќ од Хрватска. Имаше и неколкумина млади спортисти, кои докажаа дека германската атлетика го надмина дното. Претставник на сите нив е 21-годишниот Раул Шпанг, кој приреди изненадување со бронзениот медал во скок во височина.

Sport Leichtathletik WM Berlin Deutschland 4x100m
Германската женска штафетаФотографија: AP

Поевтини карти - задача за иднина

Атмосферата на Олимпискиот стадион во Берлин, севкупно, беше добра, но можеше да биде и подобра ако стадионот беше исполнет во сите натпреварувачки денови. Вината за, понекогаш, полупразните трибини е кај организаторите, поради превисоките цени на влезниците. Светската атлетска федерација треба да размисли околу тоа да врши притисок кај идните домаќини на светските првенства да одредуваат подостапни цени и програмата да ја стегнат во помалку денови. Тогаш светските првенства во атлетика сигурно ќе приредуваат уште поголемо задоволство, отколку ова во Берлин.

Автор на коментарот: Штефан Нестлер

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска