Голем број жртви во бран бомбашки напади во Ирак
13 јуни 2012Во бран бомбашки напади во Ирак денеска се убиени неколку десетици лица, а голем број се повредени. При атентат врз шиитски аџии во главниот град Багдад биле убиени најмалку 18 лица, по детонацијата на четири бомби, се вели од кругови на полицијата и болниците во градот. Во Хила на југот на земјата експлодирале две бомби во еден ресторан, кој вообичаено го посетувале полицајци. Во овој напад биле убиени 22 луѓе, а повредени околу 40 луѓе. Третиот напад бил извршен во градот Балад, каде загинале четири лица.
Религиозни тензии
Серијата напади доаѓа во време на подготовките за големиот шиитски празник во Багдад во чест на Муса ал Касем, седмиот од дванаесетте имами од Дванаесетоимамската вера. Моштите на имамот се во мавзолеј на северот на Багдад. Годинава одбележувањето на неговата смрт треба да биде на 18 јуни.
Ескалацијата на насилството против шиитските верници во Ирак ја отсликува затегнатоста меѓу двете религиозни групи. Шиитите се најголемата религиозна заедница во земјата, по нив се сунитските муслимани.