1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи протести во Шпанија

ЕМФ/дв/ртр20 јули 2012

Во околу 80 градови во Шпанија стотици илјади луѓе демонстрираа против најновите мерки за штедење на владата. Денеска (20.07) официјално треба да почне помошта за шпанските банки.

https://p.dw.com/p/15bkh
Фотографија: Reuters

Само во Мадрид, според наводи на весникот „Ел Паис“, на демонстрации излегле најмалку 100.000 луѓе. Конзервативниот премиер Мариано Рахој пред една недела најави нов пакет мерки за штедење, со кој буџетот треба да биде растоварен за 65 милијарди евра до 2014 година. Меѓу другото, се предвидува зголемување на данокот на додадена вредност од 18 на 21 проценти и кратење на додатоците за Божик за државните службенци за годинава, како и кратење на помошта за невработени.

Официјален почеток на помошта

Германскиот Бундестаг со големо мнозинство го ослободи патот за помошта од милијарди евра, наменета за санација на шпанските банки. На вонредната седница во Берлин пратениците се изјаснија за помошта, чиј почеток треба да биде официјално означен денеска (20.07) од страна на министрите за финансии на еврозоната. Министрите ќе одржат телефонска конференција напладне. Уште во текот на овој месец шпанските банки треба да добијат околу 30 милијарди евра помош од фондот за спас ЕФСФ.