1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи очекувања од идниот претседател

19 март 2012

Изборот на Јоахим Гаук за германски претседател не беше изненадување. Сепак, политичарите не го кријат задоволството-во Берлин со доверба се гледа на неговиот мандат.

https://p.dw.com/p/14Mnw
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Берлин владее речиси општо задоволство по изборот на Јоахим Гаук за сојузен претседател. Германската канцеларка Ангела Меркел изрази задоволство што новиот претседател беше изгласан со толкаво големо мнозинство. Меркел подвлече дека ќе води доверливи разговори и ќе разменува мислења со Гаук исто како и со неговиот претходник. Притоа, можно е тој на нешто да гледа критички и обратно. Но, не се работи за некакви воспитни методи, туку за искажување на ставови, што најчесто ја јакне демократијата.

Bundespräsidentenwahl 2012 Bundespräsident Joachim Gauck
Меркел очекува добра соработка со ГаукФотографија: picture-alliance/dpa

Издигнување на угледот на Германија во странство

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле е уверен дека Гаук ќе го издигне угледот на Германија во светот. Во интервју за Дојче веле Вестервеле истакна дека Гаук може да придонесе токму со неговата лична слободарска приказна. Неговата голема животна тема е слободата и одговорноста. Со тоа тој може на луѓето кои се‘уште се борат за својата слобода да им служи како ориентир и охрабрување.

Претседател, а не крал

Особена радост владее кај Социјалдемократската партија и кај Зелените, кои поранешниот активист за човекови права и ополномоштеник за Штази-актите го предложија за свој кандидат уште на последните претседателски избори пред 20 месеци.

Bundespräsidentenwahl 2012 Bundespräsident Joachim Gauck
Честитки од Штајнмајер од името на СПДФотографија: picture-alliance/dpa

„Гаук е вистинскиот претседател во вистинско време“, изјави шефот на пратеничката група на СПД, Франк Валтер Штајнмајер, свесен за фактот дека Гаук не е социјалдемократ, но сепак и дека со него нема се‘ да оди мазно. Сепак, неговата партија го сметаше уште минатите избори за свој соодветен кандидат, кој може да делува со голема независност.

И шефот на претничката група на Зелените, Јирген Тритин, предвидува разлики во мислењата меѓу новиот претседател и неговата партија. Но, Тритин се радува што со Гаук може да се спори со аргументи. Тој е само претседател, а не и крал, смета Тритин.

Воздржаност кај Партијата на левицата

Само кај Левицата постои воздржаност. Партијата предложи свој сопствен кандидат, Беате Кларсфелд, која во Сојузното собрание доби 126 гласа, три повеќе од бројот на избирачите кои ги имаше Левицата. Шефицата на пратеничката група Гезине Леч очекува Гаук на новата функција да научи многу работи и делумно да ги промени своите гледишта. Сепак, и таа изрази почит што Гаук размени мислења со пратениците на Левите, за разлика од оние кои го предложија Гаук, а не ја поканија на разговори Кларсфелд.

Bundespräsidentenwahl 2012 Bundesversammlung Beate Klarsfeld
Претседателската кандидатка на Левите, Кларсфелд, меѓу партиската шефица Гезине Леч и шефот на пратеничката група, Грегор ГизиФотографија: Reuters

Честитки од редовите на верските заедници

Претставниците на верските заедници во Германија се исто така задоволни од изборот на теологот Јоахим Гаук за нов сојузен претседател. Советот на евангелистичката црква соопшти дека се радува на очекуваните нови импулси. По негодувањата околку мандатот на претходникот, Кристијан Вулф, владее голем копнеж по личност која функцијата ќе ја внесе повторно во помирни води, истакнува претседателот со Советот, Николаус Шнајдер во писмото до Гаук.

Претседателот на Германската бискупска конференција, надбискупот Роберт Цолич оддаде признание на „високата веродостојност и широкото прифаќање на Гаук од страна на луѓето“. Тој е уверен дека способноста на Гаук да биде близок со луѓето ќе му помогне во новата функција.

И Координативниот совет на муслиманите му честиташе на новиот претседател, очекувајќи да игра водечка улога во акцептирањето и признавањето на исламот и муслиманите во Германија. Претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Дитер Грауман би сакал Гаук да се ангажира против расизмот и антисемитизмот.

Автор: Бетина Маркс/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска