1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи зборови, но мали разлики

Кристина Бергман/ Жана Ацеска9 октомври 2012

Републиканскиот кандидат за американски претседател Мит Ромни во својот надворешно-политички говор ја критикуваше политиката на претседателот Барак Обама на Блискиот и Средниот Исток, но понуди малку нешто конкретно.

https://p.dw.com/p/16Md3
Фотографија: Getty Images

Централна точка во дваесетминутниот говор на Ромни пред кадетите во воениот институт Вирџинија беа нападите врз американските претставништва во Каиро и Бенгази, при кои во Либија загина американскиот амбасадор и тројца дипломати. Според Ромни, нападите се „израз на поголема борба која се одвива на Блискиот и Средниот Исток, регион кој е средиште на најкоренитиот бунт во последниот век“. Ромни се осврна на протестите во Иран, Тунис, Египет и Јемен и слободарските движења во Ирак, Авганистан, Либија и Сирија. Владата на Обама не е директно одговорна за смртта на четворицата Американци во Бенгази, но преку политичките потфрлувања создаде клима за неа. Централната порака на Ромни беше: „Одговорност е на претседателот да ја употребува моќта на Америка на активен начин што ќе има влијание врз историјата, а не да делува од заднина и нашата судбина да му ја препушта на случајот“. Во овој поглед според Ромни, Обама потфрлил.

Без јасни алтернативи

„Надежта не е никаква стратегија“, изјави Ромни, но и самиот не беше конкретен како би ја променил надворешната политика доколу биде избран за претседател. Меѓународната изолација и заострувањето на санкциите против Иран, заедничка воена соработка со Израел, повлекување на американските војници од Авганистан до 2014-та година и протежирање решение за постоење две држави во блискоисточниот конфликт се цели кои ги следи и владата на Обама. Неодамна Ромни изјави дека Палестинците не се подготвени на мир, со што предизвика бран незадоволство кај нив. Неговиот вчерашен говор беше обид да се испеглаат гафовите како овој.

Во однос на Сирија Ромни се заложи за вооружување на бунтовниците, но без да објасни кој би го доставувал оружјето.

Infografik Swing States USA Präsidentschaftswahl 2012 Bildergalerie

Копнеж по американско водство?

Прилично погрешно беше тврдењето дека владата на Обама во последните четири години не потпишала ниеден мировен договор: во октомври 2011-та година Обама парафираше соодветни договори со Панама, Колумбија и Јужна Кореја. Ромни зборуваше и за „копнеж по американска водечка улога на Блискиот Исток“, како и дека „21-от век може и треба да биде американско столетие“.

Медлин Олбрајт, долгогодишна министерка за надворешни работи во времето на претседателот Бил Клинтон, оцени: „Ромни презентираше многу реторика, но кога се работи за детали, се има впечаток дека тој не знае какви средства да се употребат на меѓународен план и каква би била улогата на САД во 21 век“.

Олбрајт го критикуваше и тоа што Ромни повторно Русија ја претстави за еден од главните непријатели. „Тоа е тон од времето на Студената војна“, кој не е соодветен, смета Олбрајт, истакнувајќи ја корисноста на коалицијата со Русија во случајот на Иран.

За надворешната политика Ромни ќе има можност директно да дискутира со претседателот Обама на 22. октомври, на третата и последна ТВ дебата. Во првата дебата минатата недела Ромни успеа да се наметне, а Обама беше во дефанзива.