1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема победа на Хамилтон на Нирбургринг

25 јули 2011

Богатиот спортски викенд мина во знакот на победите на Британецот Хамилтон на патеката во Нирбургринг во Формула 1, на Австралијанецот Еванс на Тур Д’ Франс и триумфот на Уругвај на Копа Америка.

https://p.dw.com/p/122vI
Луис ХамилтонФотографија: dapd

Британецот Луис Хамилтон со болидот на „Мекларен“ победи на трката за Големата награда на Германија, која викендов се возеше на патеката Нирбургринг. Хамилтон, 50 – те кругови ги мина за нешто повеќе од 1 час и 36 минути, успевајќи да ги остави зад себе Фернандо Алонсо на Ферари и Марк Вебер со болидот на Ред Бул, кој што ја имаше пол позицијата.

И покрај големите надежи на домашната публика, Германецот Себастијан Фетел не успеа да стигне ниту до подиумот и извозе само до четвртата позиција. Фетел, кој е актуелен светски првак, за првпат сезонава заврши една трка зад првите три места.

Сепак, Германецот го задржа водството во генералниот пласман со 216 бодови, пред неговиот клупски колега Марк Вебер кој собра 139 и Луис Хамилтон кој сега се искачи на третото место со 134 поени.

Во конкуренција на конструктори Ред Бул е убедливо прв со 345 бода, пред Мекларен и Ферари.

Годинешната трка во Нирбургринг може да остане запаметена и како последна. Имено се’ поизвесно е дека поради финансиски проблеми на организаторот, трката која се вози од 1951 година, повеќе нема да се вози. Само годинава организаторите пријавија загуба од 17,5 милиони евра.

Велосипедизам

Кадел Еванс стана првиот Австралијанец кој победил на велосипедската трка „Низ Франција“ (Тур Д’ Франс). 34-годишниот Австралијанец, во саботната рунда од трката успеа да дојде до голема предност пред конкурентите, а во неделата на последната етапа истата ја одржа.

Cadel Evans Tour de France Sieger
Кадел ЕвансФотографија: dapd

Победник на последната, најпознатата 21. етапа по улиците на Париз, беше Британецот Марк Кавендиш, кому ова му е трето едно по друго славје на завршната етапа. Нему му припадна и „зелената“ маичка која се доделува на најдобриот спринтер на трката.

На второто место во генерален пласман, трета година едно по друго, заврши Енди Шлек од Луксембург, а на третото се пласираше неговиот брат Франк Шлек.

За најдобар млад велосипедист на годинешното издание на Тур Д’ Франс беше прогласен Французинот Пјер Ролан.

Фудбал

Репрезентацијата на Уругвај триумфираше на годинешното издание на „Копа Америка“, откако синоќа во финалето одиграно на „Монументал“ стадионот во Буенос Аирес ја совлада селекцијата на Парагвај со 3:0. За Уругвајците ова е 15-та титула во ова натпреварување, со што избија на првото место, бидејќи домаќинот на шампионатот Аргентина остана на 14 трофеи.

Fußball Uruguay gewinnt Copa America
Фудбалерите на Уругвај ја прославуваат 15. титула во Копа АмерикаФотографија: dapd

Головите во финалето ги постигнаа ѕвездите на тимот, еден Луис Суарез и два Диего Форлан. Куриозитет на турнирот беше и тоа што Форлан ја продолжи семејната традиција во освојувањето на ова престижно натпреварување. Пред него тоа го сториле и неговиот дедо и татко.

Парагвај по 1979 година првпат се бореше за пехарот, но остана само со две титули. Според прикажаното во финалето, Парагвајците не заслужија повеќе, откако беа во целост надиграни од расположените противници.

Третото место го освои Перу, откако во саботата ја победи Венецуела со 4:1.

Пехарот за најдобар играч на јужно-американскиот фудбалски шампионат го доби Луис Суарез, додека Хозе Гереро од Перу со пет голови е најдобар стрелец. Трофејот за најдобар голман го доби Хусто Виљар од Парагвај.

За најдобар млад играч е прогласен Себастијан Кларо, кому ова признание му припадна во силна конкуренција на Костариканецот Џоел Кембел и Бразилецот Неимар.

Следниот шампионат „Копа Америка“ ќе се одржи во 2015 година во Бразил.

Автор: Борис Георгиевски/макфакс/афп/дв

Редактор: Горан Чутаноски