1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на надежи и неисполнети сништа

Златко Калински31 декември 2012

Во годината олимписка, екипните спортови беа главниот македонски белег. Настапите во поединечните натпреварувања останаа далеку од посакуваното рамниште.

https://p.dw.com/p/17BYB
Фотографија: dapd

Годината почна со  желби и надежи. Завршува разочарувачки од повеќе аспекти, со неисполнети сништа и само со спорадични резултатски дострели на македонските спортисти.

Во годината зад нас првиот силен резултатски  набој го предизвикаа ракометрите на   јануарскиот  Еуропео во Србија. Македонија се искачи до 5-то место и обезбеди учество  во квалификаациите за Олимписките игри во Лондон. Сеќавањата на настаните во белградската Арена и на олимписките квалификации во Гетеборг, во Шведска ги пренесува Стевче Алушевски, долгогодишниот ракометен репрезентативец:

„Мислам дека тоа е историски успех за македонскииот ракомет. Знаете дека не‘ делеше само еден постигнат гол против Данска од тоа историско полуфинале и борба за медал. Знаете дека после тоа ние игравме во квалификациите за Олимписките игри во Гетеборг. По тој турнир се гледаше како неуспех на нашата репрезентација, но тоа што се случуваше во Лондон и пласманот на нашите противници од Гетеборг, Шведска и Унгарија, кои се пласираа во полуфиналето, покажа дека имавме исклучително силна квалификациона група. Мислам дека оваа репрезентативна година за македонскиот ракомет беше историска“.

Mazedonien Wasserball Nationalteam
Македонската ватерполо селекцијаФотографија: DW

Олимпијадата остана недостижна

На истиот, олимписки квалификационен пат беа и најдобрите македонски ватерполисти и кошаркари. Ватерполистите, по учеството на Европското првенство во Ајндховен , во Холандија, добија покана за настап на предолимпискиот турнир во Едмонтон, во Канада. Го загубија решавачкиот натпревар против Германија. Така, на кошаркарската репрезентација остана да ја брани честа и да се обиде да стигне до олимпискиот ринг. Репрезентацијата на Доминиканската Република им се испречи на патот на кошаркарите. Македонија остана без  исполнета норма за Игрите во Лондон. Отпатува во никогаш поскромен состав, претставена од пливачите Марко Блажевски и Симона Маринова и атлетичарите Кристијан Ефремов и Христина Ристевска, кои добија вајлд-карта за учество на Олимпијадата. Спортскиот директор на МОК Владимир Богоевски е со свое видување за олимписката 2012-та година:

„Ова беше олимписка година во која спортистите и ние, спортските работници, влеговме со големи амбиции, бидејќи имавме три екипи кои влегоа во олимписките квалификации. Но, знаеме како минаа и ракометарите и ватерполистите и кошаркарите. Ниту една екипа не отиде на Олимпијадата, меѓутоа мислам дека колективниот спорт во Македонија е во експанзија. Во поединечните спортови, иако имавме 10-мина спортисти кои една и пол година ги поткрепувавме во реализацијата на нивната програма ниту еден не исполни олимписка норма. Останува неповолната оценка за Олимпијадата, на која имавме 4-ца спортисти, кои учествуваа со вајлд-карта“.

Handball Frauen National Team Skopje EM Serbien Nationalteam Mazedonien Sport Europameisterschaft
Македонскиот ракометен национален тимФотографија: DW/P. Stojanovski

Олимпијадата во Лондон заврши со скромни резултатски остварувања. Македонија беше на маргините на најголемиот светски спортски настан. Но, македонскиот спорт, сепак  имаше спорадични забележителни дострели. Фудбалерите на Вардар само за гол останаа покуси за влез во групната фаза од Европските фудбалски купови. Женската ракометна репрезентација  се пласира на завршниот дел од Европското првенство во Србија, потсетувајќи на златното време на македонскиот женски ракомет. Главниот спортски хит во годината што изминува, сепак  се ракометарите на Металург. Тие  се се‘ пореспектибилно име во Лигата на ракометните шампиони.

2013-та е спортски предизвикувачка. Започнува одново со ракометот и со учеството на македонската ракометна репрезентација на Светското првенство во Шпанија, чиј почеток е за десетина денови.