1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на загуби на ЕЦБ

12 јануари 2005

Европската централна банка минатата година ја заврши со загуба од најмалку милијарда евра. Се тврди дека Централната банка загубата ја претпрела поради ниската вредност на американскиот долар поради што морала да интеревенира со своите девизни резерви. Втората причина е ниското ниво на каматите.

https://p.dw.com/p/AePe

Германската сојузна банка, така да се каже, е најголемиот акционер во Европската централна банка со вкупно 30 насто од нејзиниот капитал, па исто толкав износ зависи од нејзините резултати. 2004 година ќе биде година на загуби. Точните информации и бројки ќе се знаат на почетокот на март, но веќе сега е познато дека салдото е црвено. Картсен Јуниус, аналитичар на Дека – банката вели:

“Поради новата вредност на златото и кај девизните резерви на Европската централна банка нема да се случи добивка што ќе влијае и врз националните банки. Во суштина главната причина е вредноста на доларот. Златото се пресметуваше во евра и многу малку се менуваше во текот на годината. Но, сепак, најголемата причина е што многу опадна вредноста на доларот“.

Во 2003 година Европската централна банка информираше за загуба од околу 477 милиони долари, но нив можеше да ги покрие со сопствените резерви. Ситуацијата во најважните извори за банката не беше таква за да може да смета на добивка во 2004. Двата најважни фактора на приходи за ЕЦБ се добивките од камати и од зделките со девизи. Меѓутоа, каматите во 2004 паднаа и беа пониски од претходната година. И повторно доларот: неговото паѓање во минатата година директно влијае врз годишниот биланс на ЕЦБ, зашто нејзините резерви во 75 насто се состојат од американската влаута. Неопходноста да се купуваат долари што воопшто не беше по волја на банката, вели Карсетн Јуниус:

“Главна цел на ЕЦБ секако е стабилноста на цените за да не се покачи нивото на инфлацијата. За да успее во тоа мора да работи со девизните резерви што не е лесно во ваква ситуација во која се наоѓа доларот“.

Ако во март се потврдат информациите за загубите на Европската централна банка, тогаш и резултатот на германската сојузна банка ќе биде минус.