1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година во која требаше да се преживее

5 јануари 2011

Македонија преживеа тешка година, мачна како за граѓаните, така и за бизнисмените. Се одлагаа проекти, се пролонгираа инвестициите. Ќе донесе ли новата година нешто подобро?

https://p.dw.com/p/QlXs
Фотографија: Fotoli/mipan

Ако се цени индивидуално, сликата за македонската економија во 2010 би имала можеби дури два милиона нијанси, но во општиот впечаток нема големи разлики. Генералната оценка е дека 2010 беше тешка година за преживување, 365 денови кои не се за паметење, месеци кои тие што ги протуркаа ќе побрзаат да ги заборават. Луѓето во Македонија се мачеа со ниските плати и со високите цени.

„Крпен живот, прескапо, тоа што е разочарувачко е што секој ден е се‘ поскапо и поскапо.“

Македонија остана земја на сиромашни граѓани. 31 проценти од граѓаните живеат во беда, без работа се 300 илјади луѓе, што е скоро една третина од работоспособното население. Просечната плата е 330 евра. Оваа непопуларна статистика е доволно објаснување за намуртените лица на граѓаните кои секојдневно можат да се сретнат на македонските улици

Mazedonien Land und Leute
Ниски плати и високи цениФотографија: Petr Stojanovski

Но, големи зборови за 2010 немаат ниту бизнисмените. Тие се мачеа да обезбедат бизнис за своите фирми, плати за работниците. Времињата се тешки. 2010 беше посткризна година, период на бавно опоравување на економијата скршена од глобалниот потрес. Митко Алексов од Сојузот на стопански комори вели:

„Година во која требаше да се преживее, ликвидноста остана како проблем, стопанството не беше во добра кондиција.“

Префрлање на вината

Во 2010 сите препознаа добра шанса своите неуспеси да им ги препишат на последиците од кризата. Инвеститорите ги одложуваа инвестициите, бизнисмените ги пролонгираа проектите, владата ги запираше реформите. Македонија остана настрана од тековите на глобалниот капитал.

Symbolbild Finanzkrise. Ein Aktienhaendler an der Boerse in Frankfurt am Main
2010 беше посткризна година, период на бавно опоравување на економијата скршена од глобалниот потресФотографија: AP

„Не се работи толку за ризик, туку тоа што на Македонија се гледа како на проект, не како на стабилна и здрава држава“, вели бизнисменот Ристо Гуштеров.

По ваквите коментари потребна е голема храброст да се биде оптимист дека 2011 ќе донесе нешто подобро. Очите на граѓаните, но и на бизнисмените се вперени кон банкарскиот сектор. Се најавува поевтинување на кредитите, раст на кредитирањето до 15 проценти.

Македонија обезбеди кредит од ММФ. Препораките се овие пари да се трошат само во случај на итност.

Што велат бизнисмените? Горан Рафајловски има рецепт како Македонија да се извлече од длабоката економска криза

„Со вистински план на Македонија и‘ требаат од 3 до пет години да застане на нозе“, вели Рафајловски.

Претпазливо песимистични

Владата уверува дека нема да отстапи од зацртаниот буџетски дефицит од 2,5 проценти. Ако е неоходно за да опстои на овој план ги има 480-те милиони од кредитот за претпазливост. Во рамките на буџетот за 2011, тежок 2, 6 милијарди евра, е проектиран економски раст од 3, 5 проценти и инфлација од 3 проценти. Колку се остварливи ваквите владини проекции? Аналитичарите се претпазливи во прогнозите. Потсетуваат на можните ризици.

Geldbeutel Loch Geld Finanzen
Што ќе остане во паричникот?Фотографија: fotolia/Dmitriy Syechin

„Ризиците се бројни и јас не верувам дека ќе оствариме раст над 2,5 проценти, сепак е ова пострецесионен период“, вели професорот Таки Фити.

Неговиот колега Абдулменаф Беџети е песимист.

„Ние сме навикнати на дезинвестиции, 2011 ќе биде прилично иста како 2010, малку полоша.“

Една од главните одлики на македонскиот народ е истрајноста. Економските статистики се охрабрувачки, а ѕвездите навестуваат подобри денови. Шанса за голем пресврт на економски план нема, но има простор за надеж дека состојбата постпено ќе се стабилизира. За скромните македонкси граѓани научени да живеат со малку и тоа е доволно.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска