1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глобалната финансиска криза и македонската економија

Горан Петрески 22 септември 2008

Светската финансиска криза нема да има поголемо штетно влијание врз Македонија. Македонските банки не инвестирале на американскиот хипотекарен пазар, генератор на кризата. Таа сепак се одразува на берзата во Скопје.

https://p.dw.com/p/FMXW
Берзата во ЊујоркФотографија: AP

„Кога Америка кива, целиот свет фаќа грип.“ -но оваа поговорка со која финансискиот експерт Џон Јоновски, се обидува да ги објасни импликациите на глобалната криза врз останатиот дел од светот не важи за Македонија иако географски земјата и припаѓа на Европа. Македонската економија засега не е загрозена од финансиската криза во Америка.

Нема место за паника

Напротив ваквите кризи можат да бидат добредојдени за мали економии како македонската вели министерот за финансии Трајко Славевски и како пример го посочува падот на цената на нафтата. „На мали економии кои се релативно заштитени од светските финансиски турбуленции може да им користат. Влијае на еден ресурс којшто ние го увезуваме, цената на нафтата може и понатаму да паѓа.“

Пад на берзанскиот индекс

Deutschland Börse Frankfurt Reaktionen Finanzmarktkrise
Пад на индексот на берзитеФотографија: AP

Но индиректно последиците од хипотекарната криза во САД и банкротот на една од водечките банки се чуствува и во Македонија. Прва на удар од лошите вести како и секогаш е берзата. Во континуиран пад од неколку дена индексот падна за 6, 7 проценти.

Тоа се објаснува како панична реакција на инвеститорите по информациите дека финансиската криза тропа и на вратите на Европа. „Човековото однесување во некои моменти е емотивно и доколку надвладее стравот, цените на акциите продолжуваат да паѓаат бидејќи се јавува поголема понуда отколку побарувачка, со падот на акциите се зголемува и паниката и понудата на акции во вториот, третиот и четвртиот круг на продажба“, објаснува Методи Мајнов, брокер во „Мој фонд“.

Пораст на БДП во Македонија

Генерално македонската економија не е во опасност бидејќи компаниите и банките не се зависни од странски извори на финансирање, а речиси е сигурно дека ниту една од банките во Македонија не инвестирала на хипотекарниот пазар во САД кој во основа е основен фактор на кризата.

Потврда на ваквите објаснувања се и последните статистички податоци за раст на македонската економија. Бруто домашниот производ во второто тромесечие е зголемен за 6,5 проценти, во однос на истиот период од минатата година.