Глобализацијата е пријател и закана
24 јуни 2012Светот се „згуснува“ се‘ позабрзано во просторот и времето, како последица на глобализацијата. Диктирана од светските центри на моќта и глобалните индустриски и други корпорации, таа може да се сфати како реална закана за културните идентитети на одделните народи и етнички групи, за униформно „претопување“ и „бришење“ на нивните културни различности. Во ист момент таа претставува и „непрегледен океан“ со можности за развој на националните и културните идентитети особено на „малите“ нации.
Како гледаат теоретичарите на глобализацијата на дилемите: Дали е таа пријател, или противник на културната разноличност и на меѓукултурниот дијалог во светот? Дали глобализацијата е забрзување на тенденцијата кон еднообразност, или едновремено таа и ги збогатува постојните културни идентитети низ заемната интеракција?
„Американци, оставете не‘ да живееме со своите културни различности!“
Д-р Ѓорѓе Младеновски, професор по културна антропологија и теорија на етницитетот и идентитетот од Државниот универзитет во Скопје, вели:
„Глобализацијата ги интегрира општествата, ги хомогенизира идеите, верувањата и животните стилови. Но, од друга страна, таа ја охрабрува разнообразноста и го диверзификува општеството. Глобализацијата предизвикува страв поради губењето на идентитетот на општеството, провоцира културен отпор и стимулира повторно откривање на ендогените традиции, за да се поткрепат барањата за чувството на разлика. Глобализацијата е пријател на културната разновидност, затоа што ги поттикнува тие разлики и доведува до нови разновидности. Но, од друга страна, го обединува светот и го прави единствено место за живеење.“
Д-р Викторија Кафеџиска, професорка по политика и нови медиуми во Европскиот универзитет во Скопје, коментира:
„Токму од аспект на културата концептот за глобализација е значително спорен, затоа што таа се‘ почесто се доживува како ’американизација’, како напор на САД да ја наметнат својата доминација и своите вредносни норми и ставови. Тоа е особено алармантно за така наречените ’мали култури’. Благодарение на глобалната економија и глобалните комуникации, таа станува колективен модел на живот и не е тешко да се согледа темелот на новиот современ облик на колонијализам - културниот империјализам. Процесите на глобализација силно ги мотивираа оние, кои во овие тенденции препознаа опасност за националниот идентитет и во Европа се‘ повеќе движења се обединуваат под барањето 'Американците да не‘ остават да живееме со сите наши културни различности'.“
„Живееме во свет на конверзација на културите“
Младеновски се надоврзува:
„Нациите најмногу се плашат дека глобализацијата ќе го загрози нивниот идентитет, нивното чувство на различност од другите. Тој страв е издржан: глобализацијата, тоа глобално реструктурирање, води кон нова конфигурација на идентитетите. Идентитетот не е статичен, туку динамичен, се конструира низ секојдневна интеракција на припадниците на една култура со други култури. Глобализацијата е тесно поврзана со хибридизацијата, односно, создавањето нови културни обрасци, нови културни практики низ контактите меѓу културите и нивното мешање. Живееме во свет на 'конверзација на културите'. “
Кафеџиска напоменува:
„Повторно заживеаните нации си го бараат своето место во новиот глобален свет. Во оваа ера можеме да ги почитуваме туѓите културни вредности, но, негувајќи ги и сопствените вредности. Ако ги заборавиме своите корени и ако ги прифатиме само наметнатите вредности, тогаш доаѓа до суптилна асимилација. Културните средби на народите создаваат нови и продуктивни видови на културна фузија и културни хибриди. Некои на ваквите процеси гледаат како на развој на ’космополитска култура’. За други тоа е културна хомогенизација, што ги поткопува националните специфичности, а со тоа и националните идентитети.“
Се‘ на се‘, глобализацискиот развоен мегатренд ја нуди својата огромна моќ и за опстој и надградба, особено на националните и културните идентитети посебно на македонскиот и другите „мали народи“, преку креативно вклучување во светската мрежа на глобални меѓузависности, умешно спротивставувајќи им се на униформноста и „културниот империјализам“.