1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласањето се одвива во мирна атмосфера

Катерина Блажевска24 март 2013

Со мали исклучоци, на 2.976 избирачки места во 7 часот мирно и во демократска атмосфера почна гласањето на петтите по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија.

https://p.dw.com/p/183KY
Фотографија: MIA

Граѓанската асоцијација „Мост", која има 3.200 набљудувачи, соопшти дека утрово се евидентирани четири прекини на гласањето.

„Гласачко место 1720 во општина Струмица е отворено навреме, но имало прекин на гласањето поради тоа што Избирачкиот одбор увидел дека постои вишок од 33 гласачки ливчиња. Општинската изборна комисија (ОИК) извршила увид, констатирала грешка во сериските броеви и дала препорака тоа да биде забележано во записникот, по што гласањето продолжило. Гласачко место 0957 во општина Крива Паланка било отворено со задоцнување од еден час поради снег. Гласачко место 0925 во општина Кратово е отворено во 7 и 30 часот. На ова гласачко место забележано е и читање на глас на имињата на гласачите. Гласачко место 2295 во општина Штип е отворено во 7 часот, но било прекинато во 7 и 15 часот поради тоа што пред него имало билборд на политичка партија. ОИК во соработка со противпожарната служба го отстраниле пропагандниот материјал и гласањето продолжило во 7 и 45 часот", соопшти „Мост".

Kommunalwahlen in Mazedonien Darko Aleksov
Дарко Алексов, МОСТФотографија: MIA

Локалните избори ги набљудуваат 410 странски и 8.379 домашни набљудувачи. Од нив, 3.200 набљудувачи се на граѓанската асоцијација „Мост" со кои ќе се покријат околу 50 отсто од избирачките места во Македонија, како и 50 отсто од гласачките места во секоја општина. Набљудувачите на „Мост" ќе бидат статични, а мобилни тимови ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои нема да има статични набљудувачи.

Отворена телефонска линија

Денеска од 7 до 19 часот во канцеларијата на Народниот правобранител функционира бесплатна телефонска линија 0800-54321 на која граѓаните можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Отворени се и сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, со цел на гласачите да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.

„Народниот правобранител ќе ги штити правата на граѓаните со преземање итни мерки за ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права", се вели во соопштението на Народниот правобранител на Република Македонија. Во него се потсетува дека избирачкото право е уставно загарантирано, се остварува на слободни избори со тајно гласање и никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право.

Kommunalwahlen in Mazedonien Darko Aleksov
Фотографија: MIA

По дваесетдневна кампања за претставување на кандидатите и партиските програми, гласачите во Македонија денеска ќе избираат свои кандидати од 350 листи за градоначалници и 480 советнички листи, а кандидирани се 8.528 лица. Локалните избори се одржуваат во 80 општини и во градот Скопје. Општина со најмалку избирачки места - само три, е Вевчани, каде се регистрирани 2.055 гласачи, а ако се исклучи градот Скопје, Куманово е општина со најмногу запишани гласачи во избирачкиот список - 88.708, кои треба да гласаат на 128 места. Најголем број избирачки места има општина Битола - 152, каде треба да гласаат 81.000 граѓани.
Вчера правото на глас веќе го остварија лицата во казнено-поправните домови, внатрешно раселените лица, оние што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, како и немоќни и болни лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Инциденти во предвечерјето

Изборниот ден почна мирно, но предвечерјето не беше такво. Доцна синоќа, околу 23 часот, во скопско Нерези група млади во получасовно дивеење низ населбата оштетила автомобили и приватен имот. Нема вести за повредени. Еден час претходно поради дојава за поставена експлозивна направа во телевизијата „Сител", беа евакуирани сите вработени, а по претресот од единицата за антитероризам, констирано е дека се работи за лажна дојава. Лажни дојави за бомби имаше и за аеродромите во Скопје и Охрид, на кои од вчера почнаа да пристигнуваат чартери од Швајцарија со гласачи од албанската дијаспора, а неколку се најавени и за денеска. Патниците кои вчера слетаа во Македонија се најмногу од кичевскиот и од струшкиот регион. Тие и не кријат дека се дојдени специјално да гласаат на утрешните избори.
„Дојдовме специјално за изборите", изјавија за домашните телевизии.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA