1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гламурозен почеток на 59-тото Берлинале

Силвера Падори6 февруари 2009

Со многу ѕвезди на црвениот тепих и светската премиера на последното остварување на Том Тиквер синоќа во Берлин започна 59-от меѓународен филмски фестивал.

https://p.dw.com/p/GoEO
Шпанската артистка Пенелопе КрузФотографија: picture-alliance/ dpa

Од синоќа , па во наредниве десет дена Холивуд е преселен во Берлин.На црвениот тепих,пред палатата на Берлиналето, во ноќта на ѕвездите, продефилираа сите оние што значат нешто во културниот и политичкиот живот на Германија: од актерска елита која ја предводеа Армин Милер Штал и Нина Хос, преку вечната рокерка Нина Хаген, до политичкиот крем - поранешниот претседател Рихард фон Вајцекер и поранешниот шеф на дипломатијата Јошка Фишер.

"

Ова Берлинале, ова 59-то Берлинале е отворено“!

Вака претседателката на меѓународното жири, шкотската актерка Тилда Свинтон и директорот на фестивалот Дитер Кослик го означија почетокот на Фестивалот. Пред илјадната публика се обрати и министерот за култура Бернд Науман. Тој потсети дека филмски фестивал како Берлиналето е видлив манифест на културната разноврсност, поглед во светот на другите кој помага да се запознаат поинаквите системи и животни филозофии. Истите може да се прифатат или не, но секогаш мора крајна цел да биде толеранцијата.

Dossier Berlinale Bild Nr.3
Публиката ќе има можност да одбира, има филмови за сечиј вкусФотографија: AP

Дефиле од филмови на различни теми

Филмот “Интернешенал” на Том Тиквер, кој е прикажан надвор од конкуренцијата потврди дека Берлиналето останува верно на политичките теми кои и годинава се врзани за глобализацијата. Во конкретниот случај во сферата на парите, која се поклопува со финансиската криза која го потресува светот. Акциониот трилер кој е работен по холивудски урнек имаше првични позитивни реакции од публиката.Филмскиот маратон вистински продолжува денес, а меѓу филмовите кои се на програмата со особено интересирање се очекува “Ќитачот” на Штефен Далдри во кој настапуваат Кејт Винслет и новата ѕвезда на германскиот филм Давид Крос.

До крајот на наредната недела вљубениците на филмот ќе имаат можност да гледаат над 380 остварувања во повеќе категории. За одличјата златната и сребрените мечки атакуваат 18 филма. Фаворити нема, така што сите барем психолошки стартуваат рамноправно.

Македонија со две копродукции годинава се претставува само на европскиот филмски пазар. Македонски учесник е најавен и во категоријата за млади филмаџии: Талент кампус.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема