1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гладот како ризик за безбедноста?

Уте Шефер 5 јуни 2008

На Светскиот самит за храна во Рим шефовите на држави и влади повикаа да се испрати опсежна брза помош за најсиромашните во земјите во развој. Коментар на самитот во Рим на Уте Шефер

https://p.dw.com/p/EE9f
Леб за ситеФотографија: AP

Разликите и не може да бидат поголеми: Додека во Европа производителите, на големо го истураат нивното млеко, затоа што сакаат да постигнат повисока цена, млекото и житариците во земјите во развој последниве месеци станаа толку скапи, што се речиси недостапни. И додека европските планини од путер и езера од млеко растат со помош на субвенциите за земјоделство, бројот на гладните во светот се заканува да се удвои - од сегашните 800 милиони на можеби наскоро и две милијарди.

Светската економија е неправедна

Споредбата покажува дека нашата глобализирана светска економија е неправедна. Кој е патот преку кој земјите во развој можат да си ги остварат барањата? Нивниот единствен пат води преку Светската организација за храна и земјоделство или преку Светската организација за борба против гладот на ОН. И преку нивните самити. Но таму не зборуваат во еден глас и соодветно на тоа такви се и резултатите. Како на пример деновиве во Рим: Се најави дека ќе се изработи акционен план. Значи писмо на намери, ништо повеќе. Иако аграрната политика веќе со години наназад чека на конкретни политички чекори, досега ништо не се случило.

Недостатокот на храна политички проблем

Развојот во последните години сега го зголеми политичкиот притисок: недостатокот на прехранбени производи веќе не се гледа како хуманитарно прашање туку како сериозен политички проблем. Сиромаштијата и гладот го загрозуваат развојот, безбедноста, стабилноста во цели региони. Ситуацијата се заканува да ескалира и во земји кои служеа како пример и каде ЕУ со години пумпа пари како во Камерун на пример.

Гладот и недостатокот на прехранбени производи се значи политички задачи. За меѓународната заедница, којашто сеуште не успеава да ги укине трговските бариери и субвенции и да им овозможи пристап до своите пазари на земјите во развој. И за земјите во развој каде развојот на земјоделството најчесто не е централна политичка тема и каде токму аграрниот сектор се смета за заостанат.

Проблемот на „другите“ може да стане ризик за безбедноста за сите

Вака не оди понатаму: и добро е што генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ова јасно го кажа во Рим. Добро е што и организациите што учествуваа влечат на иста страна. Темата треба да се најде на политичката агенда, за ова се постигна согласнот во Рим.

Добро е што Италија и најави, темата да ја стави на агендата на Г8 за наредната година. Имено на темата глад во развиените земји па дури и од некои елити во главните градови на земјите во развој се гледа како на проблем на другите. Но насилните протести ширум светот изминативе месеци покажуваат: Доколку сиромаштијата и гладот не се победат ефикасно, многу брзо ќе се развијат во безбедносен проблем, и тоа за сите.