Гилад Шалит се врати дома
18 октомври 2011„Гилад се врати дома“, со задоволство изјави главниот портпарол на израелската армија, бригадниот генерал Јоав Мордекаи, на прес-конференцијата на граничниот премин Керем Шалом. „Во овој момент Шалит чекори на територијата на израелската држава, Гилад Шалит се врати во неговата татковина и на неговото семејство“, изјави генералот Мордекаи.
Кусо пред ваквата најава египетската телевизија ја емитуваше првата видео снимка со ослободениот израелски војник, на која тој можеше да се види во придружба на претставници на Египет и на палестинското исламистичко движење Хамас, кое од 2006 година го држеше Шалит во заложништво и денеска го ослободи во рамките на договорената размена на затвореници со Израел.
Шалит во замена за преку 1000 Палестинци
Размената предвидува пуштање од израелските затвори на 1027 палестински затвореници. Првата група од 477 Палестинци беше ослободена од израелските затвори веќе денеска додека останатите 550 затвореници ќе бидат пушени на слобода во текот на наредните два месеци. Договорот за трампа на затвореници Израел и Хамас го потпишаа минатата недела со посредништо на Египет и со помош на германски олеснувачи на преговорите. Според договорот, припадници на Хамас најнапред го донесоа Шалит на египетска територија и им го предадоа на египетските претставници, а потоа тој му беше предаден на Израел.
Слично беше и со автобусите со првите ослободени палестински затвореници кои најнапред ја минаа границата на Израел кон Египет и потоа неколку минути по пристигнувањето на Шалит во Израел, беа префрлени на територијата на Појасот Газа.
Бан ја поздрави размената
Египетската телевизија во меѓувреме емитуваше кусо интервју со Шалит во кое тој изјави дека е во добра здравствена состојба:
„Ми недостасуваше моето семејство“, истакна Шалит, изразувајќи надеж дека договорот кој овозможи негово ослободување од заложништво ќе води кон мир меѓу Палестинците и Израелците.
Слични надежи изрази и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун:
„ Оваа размена на затвореници, ќе има далекусежно позитивно влијание на блискоисточниот мировен процес“, изјави Бан во Швајцарија .
Автор: Симе Недевски/ЖА/ртр/афп/ап
Редактор: Борис Георгиевски