1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гилад Шалит се врати дома

18 октомври 2011

Израелските медиуми јавија дека првите конвои со палестински затвореници се упатиле кон договорените пунктови за размена. Хамас пак соопшти дека на Египет веќе му го предал израелскиот војник Гилад Шалит.

https://p.dw.com/p/12ttT
Конвој во кој се превезуваат палестинските затворенициФотографија: AP

25 годишниот Гилад Шалит кој пет години беше во заробеништво на радикалното движење Хамас пристигна дома, јавија израелските медиуми. Во првата изјава, Шалит рече дека е шокиран и многу возбуден по ослободувањето.

Утрово на Блискиот Исток започна најголемата размена на затвореници по повеќе од 25 години. Радикално исламистичката палестинска организација Хамас соопшти дека веќе го префрлила до границата со Египет и им го предала на египетските војници израелскиот војник Гилад Шалит, кого повеќе од пет години го држеше во заложништво.

Израелските власти пак ги префрлаат палестинските затвореници од израелските затвори кон граничните пунктови на Западниот Брег и на појасот Газа , каде тие треба да бидат ослободени во замена за израелскиот војник Гилад Шалит.

Автобуси на израелската затворска служба префрлија 96 затвореници од затворот Кециот во јужен Израел до воената база Офер во близина на градот Рамала на Западниот Брег а други конвои транспортираа уште 334 затвореници до Керем Шалом на границата меѓу Израел, Египет и Појасот Газа.

Според договорот Израел денеска треба да ослободи 477 затвореници во замена за војникот Шалит

Палестинските затвореници треба да ја преминат границата кон Западниот Брег и кон Појасот Газа. Дополнителни 550 палестински затвореници треба да бидат ослободени во наредните два месеци во рамките на истиот договор.

Судот ги отфрли тужбите

Израелските медиуми јавија дека припадниците на семејството на заробениот војник се упатиле кон воздухопловната база југоисточно од Тел Авив каде треба да го дочекаат Шалит. Илјадници луѓе ги испратиле и поздравиле мајката, таткото, братот и сестрата на Гилад на заминувањето од нивниот роден град Мицпех Хила во северен Израел кон базата Тел Ноф , јавија медиумите во Израел.

Israel Soldat Gilad Shalit
Гилад ШалитФотографија: AP

Претходно Врховниот суд на Израел ги отфрли сите тужби против договорената размена која предвидува ослободување на преку 1000 палестински затвореници, меѓу кои има и лица кои извршиле крвави терористички напади во Израел. Судот ја образложи одлуката со тоа дека само владата има право да одлучува за размената на затворениците:

„Владата е единствена која е одговорна за безбедноста на државата, војниците и граѓаните“ , истакнале судиите. Најголем дел од претставките против размената беа поднесени од семејствата на лицата загинати во нападите кои ги извршиле некои од палестинските затвореници кои треба да бидат ослободени.

Автор: Симе Недевски/ртр/афп/дпа

Редактор: Борис Георгиевски