1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гернот Ерлер: Македонија за кусо време измина долг пат

Нада Штајнман17 октомври 2006

Интервју на Нада Штајнман со државниот секретар во германското Mинистерство за надворешни работи

https://p.dw.com/p/Ac2L
Гернот Ерлер
Гернот ЕрлерФотографија: picture-alliance/ ZB

Господине Ерлер, Вие се сретнавте со новата македонска влада на млади политичари и нови идеи. Во кој правец се движи Македонија со новата влада?

Констатиравме дека со оваа влада имаме голем континуитет, што значи дека остануваат главните цели, интеграција во Европската унија и НАТО, така што новата влада ќе ги продолжи овие цели, а исто така опстојува на соработката со Германија, па се надеваме дека ќе останеме на нашиот курс на отворена врата и на европските перспективи за државите од Западен Балкан, секако и за Македонија. Можам да соопштам и една добра вест: иако се одвива критичка дебата, сојузната влада останува на тоа дека ќе се задржи политиката на отворена врата и на перспективите за Западен Балкан, исто и за Македонија. Се разбира, сето тоа нема да може да се случи во непосредна иднина, туку дека тоа зависи од продолжувањето на процесот на реформи во Макеоднија. Меѓутоа, Македонија веќе сега има привилегиран статус, потоа го имаме процесот на преговори со Хрватска кои веќе почнаа, следна на листата е Македонија како официјален кандидат, иако преговорите се уште не се започнати, додека другите земји од Западен Балкан се уште се наоѓаат во процесот на договорите за стабилизација и асоцијација. Значи, добрата вест е во тоа што ние во тој курс нема ништо да менуваме.

Бо последно време имаше шпекулации и негативни информации околу зачленувањето на земјите од Западен Балкан во Унијата. Со претседателството на Германија со ЕУ на почетокот на идната година дали ќе има нешто поконкретно?

Мораме да правиме разлика меѓу дебата што се води и скепсата што ја има во неа, од една страна, и заклучоците од друга страна. Значи, се среќаваме со двојна изјава: од една страна е германската позиција која цврсто опстојува на владиниот договор во кој јасно стои дека остануваат европските перспективи за Западен Балкан. Ја имаме потоа, на пример, и изјавата на министрите за надворешни работи од Салцбург во која исто така јасно стои дека Европската унија ќе се придржува кон она што беше договорено на самитот во Солун во јуни 2003 што се однесува до перспективите на Западен Балкан и тоа останува да важи и за Унијата. Истовремено мора да се биде и реалистичен. Сега најнапред на 1 јануари 2007 - та ќе се случи членсвото на Бугарија и Романија, по што ќе ни треба време да видиме дали се се одвива добро. Потоа ни требаат добри вести. Го имаме тешкиот проблем со Косово со кој ќе се занимаваме веројатно и за време на германското претседателство во првата половина на идната година, каде што ни е потребно решение при што ќе ни биде потребно и конструктивно учество на Македонија што е многу важно и за што разговаравме. Потоа, добрите вести ни се потребни за да може и јавното мислење да се подобри за продолжување на овој интегративен процес. Јас можев да констатирам дека и новата млада македонска влада е цврсто решена да произведе вакви добри вести.

Со решавањето на статусот на Косово донекаде е поврзана и стабилноста на Македонија. Дали до крајот на годинава може да се очекува решение за независноста на Косово?

За жал овој процес ни предизвикува значителни грижи. Според се што межеме да слушнеме од финскиот посредник Марти Ахтисари, консензус меѓу Србија и косовската влада е се уште далеку, па на крајот решение веројатно ќе треба да се бара во Советот за безбедност на Обединетите нации. Кон тоа и прашањето за евентуални предвремени парламентарни избори во Србија. Сето тоа ја прави неверојатна можноста да се оствари првобитниот временски план според кој темата до крајот на годинава требаше да биде окончана. Така оваа тема ќе продолжи да биде присутна и во текот на наредната година.

Вие добро ја познавате партиско-политичата ситуација во Македонија. На власт се две партии кои порано важеа како националистички. Во овој контекст, како гледате на меѓуетничките односи во Македонија?

Мислам дека главниот проблем сега се наоѓа меѓу различните партии на Албанците ДПА и ДУИ. Кај ДУИ се појави големо разочарување, имаше големи протести што не е вклучена во владата иако имаше подобри изборни резултати. Ние разговаравме и за тоа дека не може да постои барање да се учествува во владата, туку дека конечно, најважно е кои партии можат подобро да соработуваат, а новиот премиер се одлучи за ДПА, иако, како што инофмрираше, водел интензивни разговори и со ДУИ. Се надеваме дека сега процесот кој полека почнува, и дека има директни контакти меѓу Џафери и Ахмети, за да се смири жестокиот бојкот на ДУИ, ќе биде успешен. Во Македонија го имаме специјалното правило за мнозинство на малцинството, таканареченото бадинтерово правило, што во моментов води кон конкретна блокада кај важните закони, на пример кај законот за полицијата. Значи потребен е барем минимум соработка на албанското малцинство за да се овозможи продолжување на процесите на реформи во Македонија.

Вие господине Ерлер активно учествувавте во постигнувањето на Охридксиот рамковен договор. Сега, 5 години подоцна, ккаво резиме можете да извлечете?

Точно знам каде сме. Кога во проелтта 2001 година присуствував на едно конференција во Охрид, на која учествуваа Албанци и Македонци,од планините слушавме истрели. Кога ќе се сетам на тоа, на тогашната драматика, тогаш можам да кажам дека Охридскиот договор не предизвика големо одушевување во земјата, но беше стабилна основа за еден процес што ја доведе Македонија, по Хрватска, како втора земја за преговори, добивме позитивни меѓународни реакции за изборите и вкупно добар впечаток за можноста да стане зрела и за европските структури, за што тогаш во пролетта 2001 не можеше ниту да се сонува. Тогаш Македонија се наоѓаше пред граѓанска војна, се пукаше,па сето ова за кусо време е долг изминат пат, што беше и успех за ЕУ која по страшните четири војни пред тоа, успеа да спречи нов конфликт. Според тоа може да се каже дека обете страни беа успешни: и ЕУ и Македонија.