Германците убедливи против Еквадор
30 мај 2013Фудбалската репрезентација на Германија, во пријателски натпревар одигран во Бока Ратон на Флорида, го совлада Еквадор со 4:2, додека Англија и Ирска, во Лондон, одиграа 1:1.
Германија, во чиј состав немаше фудбалери на Бајерн, Борусија и Реал, за само 24 минути го демолира Еквадор, репрезентација која со голема веројатност ќе игра на Светското првенство идната година.
По два гола за Германија во првите 24 минути постигнаа Лукас Подолски и Ларс Бендер. Воедно голот на Подолски, по само девет секунди од почетокот на натпреварот, е најбрзиот гол во историјата на германската репрезентација. Честа на Еквадор ја спасија Валенсија и Ајови.
На Вембли, во чест на јубилејот - 150 години од основањето на Фудбалската асоцијација на Англија, домашната репрезентација и Ирска ремизираа со резултат 1:1.
Шејн Лонг и‘ донесе предност на Ирска по 13 минути, додека конечниот резултат го постави Франк Лампард во 23 минута од натпреварот.