Германско-кинескиот бизнис „цути“
31 август 2012Германските бизнисмени побараа од кинеските власти да дозволат поголем влез на странски фирми на нивниот пазар преку поедноставување на процедурите за инвестирање и подобра заштита на интелектуалната сопственост. Барањето беше поставен за време на тркалезната маса на која присуствуваа и германската канцеларка Ангела Меркел и кинескиот премиер Вен Џијабао во градот Тианџин. Меркел, која е придружувана од голема бизнис делегација, претходно разговараше со највисокото кинеско раководство околу европската должничка криза и меѓусебната трговија.
Вчера, двете земји потпишаа 18 меѓувладини и бизнис договори чија вредност надминува 6 милијарди долари. Најголема ставка во договорите отпаѓа на продажбата на 50 авиони од типот Ербас, за кои Кина ќе плати 3,5 милијарди долари.
Ова е втора посета на Меркел на Кина годинава. Властите во Пекинг дадоа претпазливи ветувања дека ќе се обидат да помогнат во напорите да се реши должничката криза во еврозоната.
Кина е подготвена повеќе да инвестира во обврзниците на земјите-членки на ЕУ, но под услов на целосно пресметани ризици, соопштил премиерот Џијабао, јавија државните медиуми во земјата.