1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското био-земјоделство во ќорсокак

Анја Кимиг / Симе Недевски6 октомври 2013

Слабата добивка и строгите законски прописи сѐ повеќе го загорчуваат животот на германските био-земјоделци. Тоа се воедно и причините зошто сѐ повеќе од нив му го вртат грбот на еколошкиот начин на работа.

https://p.dw.com/p/19h21

Побарувачката за органски, односно био-производи во Германија всушност сѐ повеќе расте. Прехранбените производи без хемиски додатоци, како и заштита на природата и животната средина, се теми кои стануваат сѐ поважни и поради кои волуменот на пазарот на тие производи во поледните 4 години порасна за околу 21 процент. Во однос на другите земји, Германците по прашањето на побарувачка на био-производи се наоѓаат на самиот врв на светската листа - над нив се наоѓаат само САД. Па сепак, германските био-земјоделци оваа популарност речиси и да не ја чувствуваат на сопствена кожа. И покрај трендот кој е во пораст, во Германија досега 8 проценти од земјоделците преминаа на еколошки, односно на био-начин на производство. Но, нивното овошје, зеленчук како и месо во однос на оние од странство се прескапи. Во меѓувреме секој ланец на прехрамбени производи во Германија располага и продава „свои“ органски, односно био-производи кои најчесто доаѓаат од прекуокеанските земји, каде се најевтини. А, тоа секако ја намалува цената на домашните производители.

Био-земјоделците се откажуваат

Штефан Реке е еден од оние кои токму поради таа причина му го заврте грбот на биолошкиот начин на производство и повторно почна да произведува на класичен начин. Тој на 19 години го наследил родителскиот имот во Вендланд во покраината Долна Саксонија и малку по малку од класичен начин на производство успеал да премине на оној биолошкиот. Како што вели, нему посебно му било важно да не користи пестициди и вештачки ѓубрива. Но, денес, 11 години подоцна, тој го смени мислењето.

30.08.2013 MIG Made in Germany OEKOBAUER

„Бев незадоволен од добивката, имавме проблеми со жетвата, со одгледувањето, па решив да се вратам на стариот начин на производство. Но, и денес всушност сѐ уште мислам дека биолошкиот, еколошкиот начин на производство е подобар. Секој пат кога морам да користам некое вештачко, хемиско ѓубриво, не се чувствувам добро“, вели тој.

Во текот на тие 11 години тој успеал да добие во просек околу 2 тона био-пченица, но со оглед на цените тоа сепак не му било доволно за живот. Него му го загорчувале животот, како што вели, и строгите законски прописи. ѓ

„Земјата во Вендланд не е богата со минерали, но и покрај тоа како земјоделец, не смеев да употребувам многу вештачко ѓубриво. Со околу 40 килограми ѓубриво, колку што смеев да користам, не можев да добијам доволно производ, барем не толкав за од него да можам да живеам“, вели Штефан Реке и додава дека откако повторно произведува на класичен начин неговата заработувачка се удвоила.

Научниците ги истражуваат причините

Институтот Тинен од Брауншвајг последниве години се занимава со истражувања зошто сѐ поголем број германски био-фарми преоѓаат на стариот, класичен начин на производство. Хилтруд Ниберг, една од авторите на последната студија на оваа тема, тврди дека во меѓувреме годишно околу 600 селски имоти преминуваат на стариот начин на производство. Според резултатите на истражувањето, причините лежат првенствено во недостатокот на развојни перспективи, во проблеми поврзани со законските обврски и секако, нискиот профит.

„Мислам дека воопшто мораат да се подобрат условите за работа на земјоделците. Колкави се премиите за оние кои работат на био, еколошки начин, тоа зависи од една сојузна покраина до друга и од тоа која партија моментално се наоѓа на власт. Зависно од политиката, висината на тие премии расте, паѓа, потполно се запира... Тоа за произвдителите значи голема несигурност“, вели Ниберг.

Biosiegel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Промени во аграрната политика во ЕУ

На крајот на јуни годинава, Европскиот парламент и Европскиот совет се договорија за заеднички правила во аграрната политика. Решенијата кои се тогаш донесени сѐ уште не стапиле во сила, но веќе сега е сигурно дека ќе се случат многу промени. Така, на пример, е планирано средствата од т.н. „втор финансиски столб“ да бидат намалени за околу 15 проценти. Станува збор токму за средствата од кои до сега им биле исплаќани премии на био-производителите. Оваа одлука секако наиде на големи критики во редовите на сојузот на био-производителите.

Она што е позитивно е дека ЕУ им остава слобода на своите членки сами да одлучат дали ќе ги намалат тие премии или не. Германската министерка за земјоделство, Илзе Ајгнер, навести дека во Германија до такви кратења нема да дојде. Но, ќе биде ли само по себе доволно тоа не само да се одржи, туку и да се зголеми бројот на био-производители - тоа е големо прашање. Во секој случај, целта која ја постави сојузната влада, а тоа е дека во Германија 20 проценти од земјоделските имоти ќе ги претвори во оние со еколошки начин на производтво, тешко ќе се постигне, ако наскоро не се променат многу работи.