1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски третман на македонскиот јазик

1 август 2010

Повеќе од два века интелектуалната јавност, публицистите и историчарите во Германија, пишуваат автентично и неутрално за постоењето и посебноста на македонскиот јазик, за културата и идентитетот на македонскиот народ.

https://p.dw.com/p/OXrq
Фотографија: DW

Истакнатиот германски славист и македонист Волф Ошлис во својот труд „Моменти и аспекти на германско-македонската заемност низ вековите“, од 2007 година, посочува на германскиот географ Антон Фридрих Бишинг, кој уште во 1788 година во своето дело „Опис на земјата“ констатира: „Македонците го имале својот сопствен јазик, кој е различен од јазиците на околните народи.“

„Самобитноста на македонскиот јазик е неспорна“

Географот Леонард Шулце Јена во својата книга „Македонија - слики од пејзажот и културата“, од 1927 година, ја објавил својата теза дека Македонците се, „барем од средниот век еден самобитен народ, кој го зборува својот сопствен јазик.“ Според Ошлис, Јена е основоположникот на современата германска македонистика. Јена не само што вели дека Македонците имаат свој јазик, туку тој го внесол овој јазик во долги списоци со зборови - всушност, го составил првиот македонско-германски речник.

Geografische Karte Mazedonien
Фотографија: AP Graphics

Во тоа време, во научниот печат во Германија беа објавени нови студии на етнологот Г.А. Киперс за свадбите во Галичник, на географот и историчар Норберт Кребс, на публицистот Франц Тирфелдер, на славистот Алфонс Маргулиес, за кого „самобитноста на македонскиот јазик е неспорна“ и бројни други.

Во екот на борбата околу идентитетот на Македонците, вели Ошлис во својот споменат труд, најдобриот одговор го даваше новинарот Макс Давид Фишер. Тој во 1934 година напиша: „Што се Македонците? Во Белград се вели дека се Срби, во Софија се вели дека се Бугари, а посетителот од странство може да добие дебели или тенки публикации во кои наоѓа ’докази’ за саканите теории. Тие веќе одамна ми омразнаа, бидејќи тоа за мене се соништа. Јас велам едноставно: Македонецот и припаѓа на онаа нација, чиј буквар го учи. Никој не може да се сомнева дека Македонците ... беа едно јужнословенско племе, кое имаше своја самобитност и кое ја чуваше“.

Ein Buch in mazedonisch
Фотографија: DW

Во 1940 година, во еден зборник под наслов „Македонија“, германскиот славист Герхард Геземан пишува дека „македонскиот јазик, од никого непризнаен, сепак е познат, сакан и говорен надвор од Македонија - во форма на испеаната македонска народна песна!“. „Македонската народна песна, на почетокот раширена од македонските печалбари, во текот на еден до два века го освојувала целиот Балкан во таква мера, што подоцна во Балканските војни, во 1912 / 1913 година, војските на балканските Словени ги следеле трагите кои многу порано ги оставила токму песната на Македонците“, напиша Геземан.

На наредната страница:

„Македонскиот јазик - посебен лингвистички ентитет“

Петер Рау од катедрата за германски јазик и литература на Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, посочува: „Имаме богата и континуирана традиција во чиј контекст германските научници, новинари, публицисти, дури и политичарите се занимаваат, така да кажам, со ’македонските работи’, како една широка рамка.“

Професорот Рау продолжува: „Значи, од етнолошка и лингвистичка страна веќе 100, 120 – 130 години се признаваат посебниот развој, состојбите и ентитетите, кои сега се нешто како основа на самостојна и политичка Македонија. Германските автори признаваат многу рано дека во сегашните македонски простори постојат посебни лингвистички ентитети, кои не смеат да се споредуваат со бугарски, или српски дијалекти, туку кои имаат своја структура и историја.“

Professor Peter Rau - Institut für Deutsche Sprache und Literatur an der Philologischen Fakultät in Skopje
Професор Петер РауФотографија: DW/Toevski

Професорката Силвана Симоска од истата катедра се надоврзува: „Интересен податок за мене е докторската дисертација, која е напишана во 1947 година од страна на Персида Вирет. Во неа таа пишува за ’јазикот на Македонија’. Значи, станува збор за македонскиот јазик, кој се третира, а и се говори за македонски јазик, пред воопшто и да настане неговата кодификација во 1944 година. Во овој случај, експлицитно се говори за македонски јазик и со тоа, секако, се придонесува кон неговата афирмација во научниот свет.“

Д-р Рау се префрла на студиите, статиите и делата на поновата плејада германски научници и други автори: „Тука има некои германски имиња од поновото време, како што се: историчарот Штефан Требст, историчарот, лингвист и политиколог Волф Ошлис, и лингвистот и славист Кристијан Фос.“

Во овој контекст тој дополнува: „ Во пошироката научна и публицистичка јавност тие се ангажираат многу интензивно и со голем успех за признавањето на реалноста, на самостојноста на етникумите, како и на политичката структура, кои Република Македонија ги опфаќа сега.“

Рау се задржува на двајца автори најекспонирани во поглед на нивниот македонистички ангажман: „Во прв ред, тоа се: споменатиот Требст, кој се занимава, како историчар на политиката, со особеностите и со правото на македонската држава да постои. Од лингвистичка страна, исто таква функција изврши и Кристијан Фос, бидејќи тој објавува континуирано за особеноста, за посебностите на македонската култура, јазик и литература.“

Д-р Симоска укажува и на значењето на едно ново дело на професорот Франц Пехакер од Центарот за наука на преводот на Виенскиот универзитет, посветено на историјата на оваа наука и на постоењето на балканските јазици. Во оваа смисла таа укажува: „Тој го користи политичкиот архив на Министерството за надворешни работи на Република Германија и потоа тие драгоцени информации ни‘ ги пласира во својата книга ... која е за мене автентичен архивски, доказен материјал за постоењето, еве и на, начелно речено, македонскиот идентитет, односно, на македонскиот јазик, култура и литература.“

„Дојче Веле му придава релевантност на македонскиот јазик како и на сите големи светски јазици“

Петер Рау се осврнува со повремено смеење и на тоа како се гледа во европските кругови на актуелниот спор околу името меѓу Македонија и Грција: „Во европските структури – јас зборувам за структурите на Европската унија, се осврнувам на актуелниот спор, таканаречениот „спор за името“, знам многу луѓе од сите европски структури и земји, при што никој, ниеден од нив не разбира: како може една соседна земја да бара една нација да си го смени името?! Никој не го разбира тоа ! Ова служи како парадигма за слабостите на Европската унија.“

Сепак, соговорниците на Дојче Веле велат критички дека и Република Македонија не се ангажира доволно самата за себе и за афирмацијата на македонскиот јазик. Во оваа смисла професорката Симоска укажува: „Според мене, во овој момент се наоѓаме во парадоксална ситуација: во суштина во најголемата држава во рамки на Европската унија - Сојузна Република Германија, токму таму ние немаме македонски лекторат, немаме доволно активности за ширење на македонскиот јазик.“

Professorin Silvana Simoska Institut für Deutsche Sprache und Literatur an der Philologischen Fakultät in Skopje
Професор Силвана СимоскаФотографија: DW/Toevski

Професорите Рау и Симоска со високи оценки зборуваат за улогата што ја има Радио Дојче Веле на планот на ширењето на македонскиот збор низ етерот и во системот на глобалната електронска комуникација во светот, но и за тоа како овој светски информативен сервис му придава на македонскиот јазик релевантност како и на сите други, условно кажано, „големи“ светски јазици.

Д-р Симоска напоменува: „Навистина, Дојче Веле заслужува највисоки епитети во поглед на рамноправниот третман на сите јазици, кои ги опфаќа преку своето радио и телевизија. Тоа е многу важно за ширењето на постоењето на еден јазик. Ова е фантастична можност за дистрибуција и на македонскиот јазик преку Радио ДВ. Дојче Веле е институција на која и‘ се восхитувам.“

Петер Рау се надоврзува: „Работата што ја врши Дојче Веле е многу вредна и важна. Во врска со тоа, за овој медиум може да се каже само - висока оценка.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска