Германски топ десет
11 април 20111. Grenade - Bruno Mars
Bruno Mars останува на првото место на германската сингловска листа. Доколку сте еден од фановите на пејачот од Хаваи и сакате да присуствувате на некој од неговите концерти - посетете ја неговата интернет-страница. Таму е распишан конкурс за најдобар дизајн на маичка, а одбраните победници ќе имаат можност да го видат Bruno Mars во живо.
2. Born This Way - Lady Gaga
Lady Gaga се покажа како многу трогната од катастрофата што неодамна ја снајде Јапонија, па затоа го отстапи синглот Born This Way за хуманитарниот албум Songs For Japan, чии средства од продажбата ќе бидат донирани за помош на настраданите од земјотресот, цунамито и нуклеарната катастрофа.
3. Hollywood Hills - Sunrise Avenue
Членовите на составот Sunrise Avenue открија дека синглот Hollywood Hills навистина бил создаден во Холивуд. Бендот од Финска ужива голем успех во Германија, а нивниот нов албум, Out Of Style, уште во првата седмица од издавањето се најде меѓу најпродаваните десет.
4. Rolling in the Deep - Adele
Adele пред неколку дена настапи во германскиот град Келн, каде собра 800 гледачи во целосно распродадената сала. Нејзиниот настап потсетуваше на шоу од Лас Вегас во шеесеттите години - таа излезе на сцена облечена во црно, а беше придружувана од петчлен бенд и два придружни вокала. Меѓу другото и самата посегна по гитарата за време на концертот.
5. S & M - Rihanna
Композиторката со име Heather Bright неодамна упати тешки критики на сметка на Rihanna и нејзините колеги како Justin Bieber и Kanye West. Според композиторката, тие без трошка срам се китат со туѓи перја, бидејќи речиси секогаш стојат потпишани како ко-автори на нивните песни, иако не напишале ниту еден стих во животот.
6. On the Floor - Jennifer Lopez feat. Pitbull
Со оглед на тоа што нејзината филмска кариера бележи благ застој, Jennifer Lopez се погрижи за вториот столб на нејзината работа, односно музиката. Со темата On The Floor и стариот прекар JLo повторно ги освојува топ листите ширум светот.
7. Yeah 3X - Chris Brown
Chris Brown неодамна ги здружи силите со Joe Jonas од популарното фамилијарно трио The Jonas Brothers и му помогна на еден од сингловите, кои Joe ги подготвува за својот прв соло албум. Останува само да се види што излегло од нивната соработка.
8. Stay - Hurts
Британскиот состав Hurts минатата седмица излезе од најдобрите десет и се пласира на 13 место. Седум дена подоцна, интересот по темата Stay повторно се зголемува и тие се враќаат на осмата позиција на германската сингловска листа.
9. You and Me (In My Pocket) - Milow
Jonathan Vandenbroeck е човекот, кој се крие зад прекарот Milow. Пејачот од Белгија го издаде првиот албум во 2006 година, а вистинскиот пробив му успеа во 2009 со обработката на синглот Ayo Technology. Сега се враќа со новиот албум North And South и повторно бележи успех на топ-листите.
10. Hello - Martin Solveig и Dragonette
И Martin Solveig оваа седмица повторно се враќа меѓу најдобрите десет, откако минатата недела се најде на 12 место.
Автор: Media Control GfK/Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска