1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски квартет во Лигата на шампионите

Јенс Крепела/Б. Георгиевски17 септември 2013

Бајерн, Дортмунд, Шалке и Леверкузен ја започнуваат битката за најголемиот трофеј во фудбалска Европа. Германските тимови добија тешки противници во групната фаза, но оптимизмот провејува кај сите.

https://p.dw.com/p/19iZc
Фотографија: picture alliance/augenklick

„Едноставно извонредни“ и „Светлосни години оддалечени од ривалите“- со овие зборови меѓународниот печат ги славеше минатосезонските финалисти во Лигата на шампионите, Бајерн Минхен и Борусија Дортмунд. Како ретко кога, германскиот фудбал е на висока цена во Европа. Но, сезонава германските клубови ќе мора и да ги оправдаат големите очекувања. Покрај Бајерн и Дортмунд, во најквалитетното европско клупско фудбалско натпреварување ќе учествуваат и Шалке и Леверкузен. За првпат по 12 години, германскиот фудбал е застапен со четири екипи во натпреварувањето.

ЦСКА- прв чекор или прва сопка?

Бранителот на титулата Бајерн Минхен за прв противник го има рускиот шампион ЦСКА Москва. За играчите тоа е можност да се направи првиот чекор кон повторување на успехот од лани. „Ќе биде долг и тежок пат“, оценува голманот Мануел Нојер.

„И минатата сезона темелот за успехот го поставивме уште во групната фаза“, потсетува Тони Крос.

Mats Hummels Marcel Schmelzer Borussia Dortmund
Матс Хумелс и Марсел Шмелцер (Борусија Д)Фотографија: Bongarts/Getty Images

ЦСКА го бележи најдобриот старт во последните 20 години, а сезоната ја започна уште кон средината на јули. За разлика од рускиот тим, во Бајерн се уште многу работи не се на свое место. И покрај победата во саботниот дуел против Хановер, спортскиот директор Матијас Замер остро ги критикуваше играчите, обвинувајќи ги дека не се трудат доволно.

Тежок старт на кампањата го очекува младиот тим на Бајер Леверкузен кој вечерва гостува на Олд Трафорд против Манчестер Јунајтед.

„Тие се голем фаворит, а ние големи аутсајдери“, вели капитенот Симон Ролфес. Освен разликата во квалитет, евидентна е и разликата во искуството на двата тима. Сите играчи на Леверкузен заедно имаат вкупно 107 одиграни мечеви во Лигата на шампионите. На другата страна, само ветеранот Рајан Гигс има играно на 134 натпревари. Кај Бајер сигурно ќе недостасува Гонзало Кастро, а неизвесен е и настапот на Ларс Бендер и на Јенс Хегелер.

Дербито во Неапол

Преостанатите два германски клуба настапуваат в среда. Борусија Дортмунд веќе на стартот ја очекува големо дерби нагости во Неапол, кај актуелниот лидер на табелата во Серија А.

„Тие се одличен тим. Наполи во меѓувреме израсна во втор по јачина клуб во Италија“, смета спортскиот директор на Дортмунд Михаел Цорк.

FC Schalke 04 v Bayer Leverkusen - Bundesliga
Кевин Принц БоатенгФотографија: Getty Images/Afp/Patrik Stollarz

Новиот тренер на Наполи, Рафа Бенитез е самоуверен пред мечот. „Ние имаме доволно квалитет да победиме секого, па дури и фаворитот во групата Дортмунд“, вели Бенитез.

Се чини на хартија најлесна задача ќе има Шалке кој е домаќин на романската Стеауа. Директорот Хорст Хелд очекува победа на неговиот тим. „Мораме да победиме на овој меч, доколку сакаме да ја минеме групната фаза“, вели Хелд. Најголема надеж на Шалке е новото засилување Кевин Принц Боатенг со чие доаѓање екипата се препороди и забележа две победи едноподруго.