1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските универзитети ги помагаат војните на САД

Нилс Науман/Б. Георгиевски26 ноември 2013

Експлозиви, непробивно стакло, навигација за дронови. Германските универзитети ги истражуваат овие проекти за сметка на владата на САД, открија новинарите. Политичарите се изненадени.

https://p.dw.com/p/1AOdb
Фотографија: picture alliance/Arco Images GmbH

Пустинскиот скакулец е малечок, жолт и брилијантен навигатор. Без разлика дали ноќе или на сончева светлина, скакулецот може да си го пронајде патот на илјадници километри, воден од ѕвездите или од месечевата светлина. Дали тоа може да се искористи и во воздухопловните навигациски системи? Такво прашање си поставија и научниците на Универзитетот Филипс во Марбург.

„Овој наизглед безопасен проект беше особено изненадувачки“, вели новинарот Бенедикт Штрунц. Заедно со тим новинари од јавниот сервис НДР и весникот „Зиддојче Цајтунг“, Штрунц откри дека бројни германски универзитети спроведуваат истражувања за сметка на американското министерство за одбрана. Во тоа се вклучени и научници во Марбург, чија работа била финансирана од Американското воздухопловство со 52 илјади евра. „Кога ги прашавме, од универзитетот ни рекоа дека се работи само за основно истражување“, вели Штрунц.

MQ-9 Reaper Drohne Drohnenkrieg Ziel Drohnenangriff
Фотографија: Getty Images

Милионски проекти

Но по детална истрага, беше откриено дека научниците се обидувале да утврдат дали визуелните карактеристики на пустинскиот скакулец можат да бидат искористени и во дроновите и наведуваната муниција. „Јасно беше дека се работи за воено истражување“, смета Штрунц.

Проектот во Марбург не е изолиран случај. Според истрагата на „НДР“ и на „Зиддојче Цајтунг“, последниве години 22 германски универзитети и институти добиле фондови од американското министерство за одбрана во вкупна вредност од околу 10 милиони долари.

Во 2012, на пример, Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен добил 470 илјади долари од САД за подобрување на воените експлозиви. Институтот Фраунхофер за сметка на САД истражувал непробојно стакло и боеви глави за американската армија. Научници на Универзитетот во Сар добиле повеќе од 120 илјади долари за да го истражат математичкото процесуирање на јазичните структури. Сите универзитети признаваат дека ги добиле средствата.

Меѓу институциите финансирани од американската армија се и универзитети кои се откажаа од воено истражување и тврдеа дека вршат само истражувања за цивилни цели. Ваквите проекти го претворија ова ветување во фарса, вели Никол Голке, портпарол за образование на опозициската Партија на левицата.

Проблематична етика

Но инволвираните универзитети не се согласуваат со таквите оценки. Оттаму велат дека бројни проекти имаат двојна намена, и воена и цивилна. Хорст Хиплер, претседател на германската Ректорска конференција ги отфрла критиките. „Нема причина да се исклучи министерството за одбрана на еден од нашите најблиски сојузници од финансирањето на вакви проекти“, вели тој. Но, Јирген Алтман, физичар и цивилен истражувач од Универзитетот во Дортмунд е скептичен. „Проблематично е кога науката ќе и‘ се посвети на воената подготовка, особено кога тоа се прави за американската армија. САД водат агресивни војни, без одобрение од Советот за безбедност на ОН“, смета тој.

Jürgen Altmann Physiker Universität Dortmund
Јирген АлтманФотографија: DW

„Повеќето од универзитетите не ги објавуваа информациите за нивните фондови“, вели новинарот Штрунц. За да дојдат до податоците, новинарите истражувале во архивите на американските институции. „Неверојатно е дека за ова досега јавноста не знаеше“, вели Голке од Левицата.

Случајно, и германската влада додели воени договори на бројни научни институции. Сојузното министерство за одбрана соопшти дека во изминатите три години, во просек годишно биле одвојувани околу 10 милиони евра за проекти кои опфаќаат сѐ - од воена технологија до социјални науки. Но министерството не сака да открива натамошни информации поради „загриженост за воената и цивилната безбедност“. Токму затоа, Штрунц бара поголема транспарентност.