1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските Турци - дел од протестното движење

Сенада Соколу/ Жана Ацеска29 јуни 2013

Се‘ повеќе Турци и‘ вртат грб на Германија: само во 2011 година биле 33 илјади. Некои од нив учествуваат и на протестите, а се чувствуваат растргнати меѓу двете земји.

https://p.dw.com/p/18xsu
Фотографија: Reuters

Ајла од пред девет месеци живее во Истанбул. 33-годишната жена ја напуштила Германија за во Турција да започне од почеток. Уште од првите денови младата економистка учествува во турското протестно движење. Демонстрациите ја исполнуваат во прва линија со гордост.

„Досега чувството да бидам горда на мојот народ го познавав само од фудбалските натпревари. Но ова чувство на гордост на овој амбициозен и храбар млад народ е сосем нешто друго“, вели родената Минхенчанка во разговор за Дојче веле.

Ајла не сака да го каже презимето, има само германски пасош. Кај неа стравот од протерување од Турција е преголем. Но, не може да си замисли во моментов да остане пасивна:

„ Од другастрана не можам да застанам во првите редови на демонстрациите поради можноста да бидам протерана или ставена во затвор“.

Странец во Германија, аутсајдер во Турција

Дилек Кесер е во првите редови на протестите. Таа со свои очи виде како полицијата употребува сила и е многу разочарана. Дипломираната економска менаџерка во Истанбул се пресели пред две години од родниот Хамбург, зашто веќе немала желба да биде странец.

Istanbul Proteste Dilek Keser aus Hannover
Дилек КесерФотографија: DW/S. Sokollu

„Но, во моментов сфаќам, Ердоган не ме сака. Или не ме вбројува во неговиот народ. Во Германија секогаш бев странец, а овде сум аутсајдер“, констатира 36-годишната Дилек. Сепак, тоа за неа не е причина да ја напушти Турција и да се врати во Германија: „Би сакала да направам нешто за овде да дојде до некои промени“. Таа повторно ќе застане во протестните редови наспроти солзавецот и водените топови.

„Ердоган не е Турција“

Голема критика на насилната полициска интервенција против демонстрантите стигна пред се‘ од Германија. Германската канцеларка Ангела Меркел акциите на полицијата ги означи за „премногу тврди“. Од турска страна стигна жестоко контрирање: турскиот министер за европски прашања Егемен Багис ја обвини Меркел дека од турскиот пристап во ЕУ прави предизборна тема.

„Според мене, Турција би требало задолжително да влезе во ЕУ. Ако Турција беше во ЕУ со актуелните состојби, немаше да може да продолжи на таков начин“, вели Дилек во врска со употребата на сила при полициската интервенција. Дилек ја сфаќа задршката на ЕУ кон Турција: „Но, Ердоган не е Турција. Ердоган е само некој кој во моментов предизвикува ескалација. Но, народот и Турција, тоа сме ние. Затоа сметам дека припаѓаме кон ЕУ“. Целиот свет во моментов ги гледа страдањата на турскиот народ, вели Дилек: „Ако сега не стигне никаква поддршка од Европа, тогаш кога“?

„Жал ми е што не можам да гласам“

И Ерсан од Минхен, кој во Истанбул живее од минатата зима, има поголеми очекувања од Европа: „Чекорите кои моментно ги презема Европа треба да бидат уште посилни“, вели 36-годишниот во разговор за Дојче веле. Ниту тој не би сакал да ги проигра своите перспективи во Турција за во иднина и не сака да биде објавено неговото презиме: „Се разбира, се плашам од протерување ако учествувам на демонстрациите“. Ерсан ја пропатувал цела Европа и прави споредба со расположението во паркот Гези:

Istanbul Proteste Ersan aus München
Ерсан и натаму сака да помага во ТурцијаФотографија: DW/S. Sokollu

„Кога бев во паркот, имав чувство како да сум во Амстердам. Секој помага секому, учтиво и со целосен почит. Потоа ја гледаш другата страна. Полицијата удира со сета сила, па се прашував - која е вистинската Турција? Но, така е, двете страни припаѓаат на Турција. Се разбира, и натаму ќе се трудам да и‘ помогнам на Турција на правилниот пат“.

Според Ајла, Германија би можела повеќе да направи за иднината на Турција: „Токму сегам, кога е важен секој глас, жал ми е што следната година не можам да гласам, зашто имам само германски пасош, а од турскиот морав да се откажам“. Таа очекува од германската влада да го овозможи двојното државјанство, зашто тоа е важно токму при настани како протестите во Турција.