1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските спортисти биле масовно допингувани

Б. Георгиевски/ап/дв6 август 2013

Допингот на спортистите во Западна Германија започнал уште по завршувањето на Втората светска војна. Допинг се користел во речиси сите спортови. Најголемиот дел од имињата на спортистите се избришани од архивите.

https://p.dw.com/p/19KJl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сојузниот институт за спортска медицина го објави извештајот за допингот во германскиот спорт по огромниот притисок од јавноста откако весникот „Зидојче цајтунг“ викендот откри поединости од извештајот кој дотогаш се чуваше во тајност.

Владите во поранешна Западна Германија го толерирале и прикривале допингот на нивните спортисти со децении, а од почетокот на 70-те години дури и го охрабрувале, се наведува во извештајот.

Студијата за допингот во Германија ја изработија група научници од Универзитетот Хумболд во Берлин. Според нивните сознанија, токму Сојузниот институт за спортски науки (БИСП) кој бил формиран под јурисдикција на министерството за внатрешни работи во 70-те години било телото преку кое бил етаблиран „систематски допинг прикриен како истражување“.

Недостасуваат страници и имиња

Иако контролата врз спортот во Западна Германија не била ни приближно на нивото на онаа во комунистичката Источна Германија, сепак извештајот наоѓа сличности.

Dopingkontrolle
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Учеството на голем број национални тренери, спортски лекари и официјални претставници е многу слично на систематскиот допинг систем во ДДР“.

Студијата за допингот била готова уште во април годинава, но не била објавена поради дилеми околу објавувањето на имињата на поединци. Вчера објавениот документ содржи вкупно 500 страници, иако „Зиддојче цајтунг“ тврди дека целосниот извештај всушност броел повеќе од 800 страници. Освен што недостасуваат голем број страници, од објавениот извештај се избришани и многу други детали, како имиња на спортисти, влијателни политичари како и изјави на очевидци и сведоци.

„Историјата на допингот во Сојузна Германија не започна во 1970 година, туку уште во 1949 година“, се наведува во извештајот. Метамфетаминот Первитин кој им бил даван на германските војници за време на Втората светска војна, бил масовно тестиран на спортисти, иако од 1950 година бил забранет. И други амфетамини биле во масовна употреба во германскиот спорт и во текот на 1960-те години, особено кај атлетичарите и велосипедистите. Понатаму се цитира изјавата на познатиот лекар и ексфудбалер Хајнц Адолф Хепер, дека уште од 1949 година супстанците кои содржеле амфетамин биле „нормални“ во германскиот фудбал.

Систематски допинг од 1972.

Институтот БИСП започнал со развој на „систематска допинг структура“ во 1972 година, финансирајќи експерименти за подобрување на анаболичните стероиди, и тестирајќи тестостерон, естроген, хормони и инсулин. Во 80-те години, по зимската Олимпијада во Калгари започнало да се „работи“ и со зајакнувачот на крв ЕПО, за кој постоеле сомневања дека бил масовно користен од советските спортисти.

Tour de France-Vorbereitung Ullrich und Zabel 2004
Јан Улрих и Ерих Цабел, велосипедисти кои се допингуваа во 90-те годиниФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Историчарите откриле и писмо од директорот на медицинскиот комитет на ФИФА Михајло Андреевиќ кој ја информира германската фудбалска федерација дека кај тројца репрезентативци биле пронајдени силни траги на стимулаторот ефедрин за време на Светското првенство во фудбал во 1966 година. Германската фудбалска федерација одбила да дозволи увид во своите архиви за потребите на истрагата.

Истражувачите имале проблем да дојдат и до официјални државни документи за целиот случај, и покрај тоа што тие согласно законот мора да бидат обелоденети. Шефот на истражувањето Гизелхер Шпицер деновиве изјави дека најголемиот дел од тие документи биле уништени уште пред да започне нивното истражување. Студијата заклучува дека ефективни допинг контроли биле воведени дури кон крајот на 80-те години, но допингувањето продолжило и во текот на 1990-те години.