1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските медиуми ги открија мигрантите

22 мај 2011

Мигрантите во германските медиуми најчесто се претставени како криминалци, жртви или ѕвезди. Таквата слика не само што не е точна, туку е и навредлива. Но, во локалните медиуми сликата е малку поинаква.

https://p.dw.com/p/11JcR
Водителката на РТЛ телевизија, Назан Екес има турско потекло
Водителката на РТЛ телевизија, Назан Екес има турско потеклоФотографија: picture-alliance/Eventpress Herrmann

Месут Езил е германски репрезентативец од турско потекло. За младите луѓе, кои немаат германско потекло, тој е голема звезда.

„Од почетокот беше јасно дека ќе настапувам за Германија. Меѓутоа, не можев самиот да се повикам во репрезентацијата. Затоа сум многу среќен што ќе играм за Германија“, изјави Езил пред неколку години, кога првпат беше повикан да ги брани боите на својата татковина.

Откако Езил стана дел од репрезентацијата во 2009 година, многу граѓани со турски пасоши го носат неговиот дрес со германскиот грб. Месут Езил е пример за мигрант за кој во медиумите се говори многу позитивно. Но, најчесто не е така.

Фудбалерот Месут Езил и водителката Назан Екес на доделувањето на Бамби наградите 2010
Фудбалерот Месут Езил и водителката Назан Екес на доделувањето на Бамби наградите 2010Фотографија: picture alliance/dpa

Маргрет Линенборг, професор на слободниот универзитет во Берлин, вели дека по нападите од 11 септември при известувањето многу често се говори за опасноста од странците во земјата.

„Воглавно тоа се мажи. Меѓутоа, кога германските весници пишуваат за жените, тогаш тие често се претставуваат како жртви, и тоа како жртви на патријархалноста на нивната матична култура или пак на доминантното германско општество во кое нема место за странци“, вели Линенборг.

Локалните медиуми поблиски до доселениците

Поинаку е во локалните медиуми, на пример во Берлин или во Рурската област каде живеат голем број на мигранти. Линенборг вели дека во известување на овие медиуми, жените се нарекуваат сосетки, дека за нивното потекло речиси воопшто и не се зборува и дека најчесто тие се активни во некои спортско друштво или во населбата.

Професорот по комуникологија на Универзитетот во Јена, Георг Рурман објаснува зошто е тоа така:

Имигрантите се` поприсутни на телевизија
Имигрантите се` поприсутни на телевизијаФотографија: picture-alliance/dpa

„Затоа што на локално ниво ближниот го гледаме во вистинското светло. Се сретнуваме. Тоа е нешто што не успева во надрегионалното известување. Тоа е важна појдовна точка“.

Порано, доселениците за медиумите беа само странци од кои нешто се очекуваше и кои немаа што да кажат или да бараат. Денес странците повеќе не се претставуваат како објекти, иако оние што имаат нешто да кажат и понатаму бавно го наоѓаат своето место во медиумите. Точно дека во последните четири децении имаше промени, но тие се бавни, вели Рурман.

„Тој процес на комуникација на рамноправно ниво е многу бавен и тежок пат. Тоа е случај и со сите други процеси чија цел е целосната рамноправност“.

Германскиот фудбалер со странско потекло Гералд Асамоа
Германскиот фудбалер со странско потекло Гералд АсамоаФотографија: Picture-Alliance/dpa

Странците станаа целна група на телевизиите

Секојдневието на граѓаните со странско потекло како тема за известување не ја открија само локалните и булеварските весници. Тоа е се‘ почест случај и на телевизиите.

„Без разлика дали станува збор за т.н. реалити телевизија, сапунски серии или другите видови емисии, во нив животот на доселениците е се‘ повидлив и тој се прифаќа како нешто што само по себе се подразбира“, објаснува Маргрет Линенборг.

Мигрантите во тие емисии се појавуваат покрај Германците и тоа се доживува како нешто нормално и нешто што само по себе се подразбира. Телевизијата, пред се комерцијалната, веќе ги откри доселениците како своја целна група.

Автор: Клаудија Превезанос/Борис Георгиевски

Редактор: Трајче Тосев