1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските интелектуалци не сакаат да се мешаат

Јан Брук/Марта Таневска21 септември 2013

Германските интелектуалци никогаш не се ангажирале толку малку во предизборната кампања. Додека едни сметаат дека немаат право да влијаат на избирачите, други едноставно не сакаат да бидат нечија „партиска маскота“.

https://p.dw.com/p/19g0D
Фотографија: Reuters

„Тоа што е убаво за време на предизборната кампања е тоа што гледаме политичари обесени на бандери“, коментира германскиот кабаретист Фатих Чевикколу за бројните плакати обесени на столбовите на улица и додава дека нема конкретен став што се однесува на кампањата за сојузните парламентарни избори. Според неговото мислење, канцеларката Ангела Меркел води кампања под мотото: „Молчи и продолжи понатаму како и досега“ и ги премолчува големите предизвици кои доаѓаат. А нејзиниот противкандидат Пер Штајнбрик, вели Чевикколу, нема ефикасно оружје против колективното молчење и може да се рече дека предизвикува сожалување.

Фатих Чевикколу дури размислува за тоа да даде неважечко ливче на денот на изборите. Вели дека, како и многу други луѓе во Германија, загубил доверба во политиката. Слично кажуваат и другите германски уметници. Нивната реакција на таа млака и безизразна предизборна кампања е пред сѐ - незаинтересираност.

„Политичко злосторство“

Неделникот „Цајт“, во своето актуелно издание, повика 48 германски уметници и интелектуалци да ги дадат своите изборни препораки. Резултат: 58,3 отсто од нив, меѓу нив и филозофот Петер Слотердајк и писателката Теа Дорн, не сакаа да одговорат, со образложение: како воопшто да се даде некоја препорака кога политиката на големите партии е толку слична? Некои дури и ги советуваа граѓаните да не излегуваат на гласање.

Fatih Cevikkollu
Фатих Чевикколу размислува за тоа да даде неважечко ливче на денот на изборитеФотографија: Fatih Cevikkollu

Писателот и новинар Матијас Грефрат е вознемирен од таквиот став: „Веќе нема интелектуалци кои ги поттикнуваат политичарите да делуваат и кои ги потсетуваат на нивните обврски. Наместо тоа, зборуваат за смислата од излегување на избори. Тоа за мене се граничи со политичко злосторство“. Грефрат притоа прво мисли на психологот Харалд Велцер. Тој во својот есеј објавен во неделникот „Шпигел“ вели дека нема да оди да гласа во знак на протест поради состојбата во германските политички партии. Според неговото мислење, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Социјалдемократската партија на Германија(СПД), Зелените и Левицата се безлични и немаат ништо заедничко со политика која би била соодветен одговор на иднините предизвици.

„Изборните препораки можат да штетат“

Инго Шулце, познат писател со потекло од поранешната ДДР, се приклучува на критиките на сметка на оние кои не сакаат да излезат да гласаат. „Партиските борбени редови се се` уште тука, но тие во јавноста системски се бришат“, смета Шулце. Тој во весникот „Цајт“ на читателите им препорачува да ја бираат Левицата, но признава: „Изборната препорака може да му наштети на еден писател“. Се претпоставува дека некои читатели поради јавните изјави за неговота политичка определба веќе нема да ги купуваат неговите книги. Но, тој вели дека ќе го прифати ризикот и дека и покрај тоа сака да го искористи своето влијание во јавноста.

Schriftstellerin Tanja Dückers
Писателката Тања Дикерс остро ги критикува предизборните препораки на интелектуалците и уметницитеФотографија: picture-alliance/dpa

Спротивно на тоа, угледната писателка Тања Дикерс остро ги критикува предизборните препораки на интелектуалците и уметниците. Во текстот објавен во дневникот „Тац“ пишува дека уметниците никогаш не треба да се одречат од својата слобода и независност и дека мораат да го задржат критичкото мислење кон власта.

„Демократијата значи учество“

Театарскиот и филмскиот режисер Андрес Вејел, сепак, се одлучи за изборна препорака и ги препорачува Зелените. Истакнува како не сака да биде лице на ничија предизборна кампања, но сака да го каже своето мислење. „Себеси се гледам како бунтовник. Мојата задача е како уметник да ги посматрам случувањата, учествувам во расправи и на укажувам на тоа каде се поткопува демократијата“.

Andres Veiel Regisseur Deutschland
Театарскиот и филмскиот режисер Андрес Вејел ги препорачува ЗеленитеФотографија: picture-alliance/dpa

И претседателот на Академијата за уметност во Берлин, Клаус Штаек, кој со децении активно ги поддржува социјалдемократите, ги повикува интелектуалците на поголем ангажман. „Станавме некаков вид на огледало на демократијата“, вели и предупредува. „Демократијата значи и учество. Ако на некој нешто му пречи, мора нешто да преземе“. И затоа вели дека на секого може да му препорача еден ден да помине со еден парламентарен претставник. И потоа ќе се види, истакнува Штаек, од колку работа се состои политиката.