Германските индустријалци бараат олеснет контакт со Источна Европа
24 април 2012Водечките индустриски здруженија во Германија заеднички побараа од владата да го олесни визниот режим за луѓето од источна и југоисточна Европа, со цел да се отстрани уште една пречка во бизнис-контактите.
Шест индустриски групи, меѓу нив и водечкото здружение на германски извозници, како и водечките претставници на автомобилската и машинската индустрија, го потпишаа барањето. На поголемиот дел од жителите на источна Европа се‘ уште им се потребни визи за влез во Шенген-зоната.
Од германските здруженија велат дека актуелните визни бариери ги отежнуваат бизнис-контактите и размената на експерти, и ги ставаат во нерамноправна положба на пазарот. Оттаму бараат под итно да се преземат мерки со кои ќе се намалат бирократските пречки за граѓаните од источна и југоисточна Европа.
Германската економија е најголема во Европа и традиционално е извозно ориентирана.
Ж. Ацеска