Германскиот фудбал заработува пет милијарди евра годишно
21 април 2010Едно нешто е неспорно: фудбалот е скап спорт. Се плаќаат огромни суми за трансфери на играчи, но и за големи полициски операции за обезбедување. Но, носи ли фудбалот и нешто за возврат? Од Германската фудбалска лига велат: Да! Оваа организација која е надлежна за 36 клуба во првата и втората германска лига, неодамна ги објави податоците за економските ефекти на овој спорт.
Од фудбалот не заработуваат само големите клубови во Бундеслигата или професионалните играчи. Пари носат и маркетингот, авторските права, продажбата на дресови ... Во секторот професионален фудбал работат околу 70 илјади луѓе. Истражувањето кое заеднички го спроведоа Германската фудбалска лига (ДФЛ) и фирмата „Мекинси“ покажа дека вкупната годишна заработувачка е околу пет милијарди евра. Профитира и државата која секоја година собира даноци во вредност од околу 1,5 милијарди евра.
Во студијата за тоа колку пари во Германија носи професионалниот фудбал, аналитичарите ги земале во предвид и директните и индиректните начини на заработка- од продажбата на влезниците и маркетингот, преку авторските права и службите за обезбедување на стадионите, до хотелите и киосците на кои се продаваат колбаси.
Многу повеќе од игра
Претставникот на фирмата „Мекинси“ Томас Нецер објаснува дека заработката во фудбалот се остварува на повеќе начини. „Бајерн го купи Робен од Реал Мадрид. Парите за трансферот отидоа во странство, но Робен поттикна дополнителна продажба на дресови. А кога Робен ќе постигне некој гол со кој Бајерн ќе отиде понатаму во натпреварувањето, тоа значи дека играчите мораат да патуваат на следниот натпревар. Тоа пак носи трошоци за патување, односно се вложува во сообраќајот. Нашето истражување ги зема сите овие аспекти в предвид“.
Студијата „Економски фактори на фудбалот“ има за цел и да го подобри имиџот на германската Бундеслига. Фудбалот не се состои само од скапи трансфери на играчи или трошоци за даночните обврзници поради ангажманот на полицијата, вели претседателот на ДФЛ Кристијан Зајферт. „Во последниве години се обидуваме да го објасниме целосниот феномен на Бундеслигата преку она што се случува и на нејзината периферија. Сакаме јасно да ставиме до знаење дека Бундеслигата е далеку повеќе од она што се случува само на фудбалските терени“.
Студијата дефинитивно покажа колку навистина вреди професионалниот фудбал во Германија, а притоа и дека истовремено со спортскиот успех доаѓаат и работните места, но и финансискиот успех.
Автор: Ванеса Ренерт/Борис Георгиевски
Редактор: Александра Трајковска