Германскиот Тајгер Вудс
4 март 2011Мартин Кајмер спортската кариера ја започнал како фудбалер, но за среќа, брзо ја променил одлуката.
„Сакав да бидам самиот одговорен за своите резултати. Затоа се одлучив за голфот“, ја објаснува Кајмер својата животна одлука. Овој 26-годишник по само пет години професионално играње голф, успеа да стигне на врвот. Единствениот Германец на кој досега тоа му успеало беше Бернхард Лангер, пред точно 25 години. Токму тој му бил и идолот на Кајмер. Двајцата се перфекционисти, секогаш љубезни и пристојни, но и многу повлечени, без желба за преголем публицитет во јавноста, надвор од терените.
Новата голферска ѕвезда за првпат ја земала палката в раце на 10 годишна возраст. Тогаш го забележал Гинтер Кеслер, кој е негов тренер до денес. Мартин имал само 15 години кога го достигнал хендикепот 0, што се смета за големо достигнување во голфот. Патот од третокласните до водечките турнири го минал за само неколку години. Првата победа на елитен турнир ја забележа во 2008 година во Абу Даби, по што следеа уште осум други. Успехот го круниса со освојувањето на врвот на ранг-листата, како втор најмлад играч во историјата, по Тајгер Вудс.
Тешко до признание во родната земја
Иако неговите успеси се неверојатни, Кајмер засега не успева да се наметне како голема ѕвезда во родната Германија. Дури откако успеа да го освои првото место на ранг-листата, медиумите почнаа да му посветуваат поголемо внимание, иако тоа не е ниту оддалеку на исто ниво, како кај спортските величини од типот на Штефи Граф, Борис Бекер или Михаел Шумахер, во минатото.
„Во Германија е многу тешко да се добие признание и почит, затоа што главни спортови се фудбалот и Формула 1. Се обидувам да го сторам она што Граф и Бекер го постигнаа преку тенисот. Доколку го постигнеме истиот успех и со голфот во Германија, ќе биде многу добро“, вели Кајмер.
Автор: БГ/ АТ/ ројтерс/ дпа
Редактор: Трајче Тосев