1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот Парламент му изгласа недоверба на канцеларот

1 јули 2005

„Предадени се 595 гласа, со за гласаа 151 пратеник, со не 296, воздржани беа 148. Заклучувам дека владата не доби доверба!„

https://p.dw.com/p/AcEL
Канцеларот Шредер го образлага барањето за гласање доверба
Канцеларот Шредер го образлага барањето за гласање довербаФотографија: AP

Со овие зборови Претседателот на германскиот Парламент Волфганг Тирзе го објави резултатот од гласањето во Бундестагот. Како што се очекуваше, и како што канцеларот Герхард Шредер и посакуваше, неговата влада го загуби неопходното мнозинство од најмалку 301 глас и со тоа сега е отворен патот за свикување предвремени избори.

Причината Шредер воопшто да побара избори една година пред истекот на вториот мандат лежи во отпорот против централните реформски зафати на неговата влада, посочи Шредер во уводното излагање пред пратениците.

Отпорот против болните, но исто така и неопходни реформи на социјалните системи и пазарот на работна сила се покажа меѓу другото и во бројните загубени избори на покраинско ниво. Најстрашниот од нив беше последниот во Северна Рајна Вестфалија, каде неговите социјалдемократи беа симнати од власт по цели 39 години.

„Агендата 2010 со сите нејзини последици се чини дека беше во повеќе наврати причина за гласање на бирачите против мојата партија. Ако треба да продолжиме со реализацијата на таа Агенда, тогаш ни е потребна нова потврда преку избори.„

Во сегашните услови Шредер смета дека неговата влада не е способна за дејствување. Канцеларот при тоа мисли и на гласната критика од редовите на неговата партија. Не смее официјално да се однесувате како да ми давате поддршка, а фактички тоа да не е случај, посочи Шредер свртувајќи се кон пратеничките клупи во кои седат социјалдемократите:

„Вреднувањето на односот на сили пред и по одлуката да побарам нови избори, треба да покаже дека во сегашната ситуација немам доволна и трајна поддршка, со која можам да сметам.„

На адреса на опозицијата Герхард Шредер порача дека таа постојано ги смалувала во очите на јавноста неговите успеси и дека го користела мнозинството во Горниот дом на Парламентот, Бундесратот, за да блокира дел од важните реформски зафати. Партиите на опозицијата ги жртвуваа интересите на земјата за сметка на дневното политикантство.

Во име на опозиционите партии на говорот на канцеларот возврати Ангела Меркел, претседател на Христијанско демократската Унија и официјален кандидат за канцелар на наредните избори. Како главна забелешка на сметка на актуелната влада, таа посочи дека немало единствена линија, туку се работело на парче.

„Уште ниту една влада не ја проиграла во таа мера довербата на граѓаните преку постојани обиди нешто да поправи, а при тоа се‘ да останува на исто, преку постојани најави и одјави, преку свикување комисии за тешките прашања, наместо да донесува конкретни одлуки.„

Социјалдемократкста партија и понатаму стои за нејзиниот канцелар, посочи во дебатата лидерот Франц Митеферинг, кој меѓутоа исто така им препорача на пратениците од нејзините редови да се воздржат и со тоа да го отврат патот за нови избори.

Вице канцеларот од редовите на помалиот коалиционен партнер, Партијата на Зелените, Јошка Фишер ја бранеше реформската политика на владата и порача дека неговата партија сакала да остане на власт се до редовните избори во 2006-та.

„Мојата фракција на Сојузот 90/Зелени посакуваше да го искористи мандатот што го доби со победата на изборите во 2002-та, да го искористи до крај, и тоа во интерес на обновата на нашата земја. Но, истовремено ја почитуваме одлуката на канцеларот да постави прашање за доверба, доколку во овие тешки времиња има чувство оти владината козлиција не може да го пондесе понатаму тешкиот товар.„

За разлика од Фишер, пратеникот на Зелените, Вернер Шулц упати остра критика на целата денешна постапка во Бундестагот:

„Она што овде се случува, тоа е инсцениран и апсурден настан или што би рекле правниците тоа е неавтентично гласање за доверба на владата. Веќе првата реченица од вашето барање, господине канцелар, е невистинита. Вие ни не сакате да ви изрази доверба, вие сакате да го загубите гласањето.„

Конечната одлука за свикување вонредни избори сега се наоѓа кај претседателот на државата Хорст Келер, кому Уставот на земјата му дава рок од три недели. Во бирото на Келер денеска веднаш по седницата на Парламентот дојде канцеларот Герхард Шредер и во кусиот рагвоор и официјална побара распуштање на Парламентот и свикување предвремени избори. Во целата разврска важна улога може да добие и Уставниот суд. Неколку пратеници, меѓу кои и Вернер Шулц од Зелените, најавија тужба до највисоката судска инстанца во земјата за неуставност на постапката за распуштање на Бундестагот.