Германскиот пазар на труд останува стабилен
29 август 2013Во месец август без работа биле 2,946 милиони луѓе, што е 32 илјади повеќе отколку во јули, соопшти Сојузната агенција за труд во Нирнберг. Во споредба со минатата година, бројот на невработени е зголемен за 41 илјада. Стапката на невработеност останува непроменета - 6,8 проценти.
„Невработеноста е порасната во текот на летната пауза“, изјави шефот на Агенцијата, Јирген Вајзе, истакнувајќи, сепак состојбата на пазарот на труд останува стабилна.
Експертите без загриженост ги примија најновите бројки за август, зашто во многу фирми поради летните одмори интензитетот на производството беше намален.
„Сметам дека пазарот на работна сила ќе остане стабилен и во останатиот дел од годината. Не би требало да има големи промени, можно е мало намалување на бројката на невработени“, прогнозира економистот Михаел Холштајн од ДЦ банката. Тоа се должи на фактот што пазарот на труд секогаш реагира со мало задоцнување на развојот на економските движења, во случајов на подемот во стопанството. Освен тоа, на пазарот на труд во минатите месеци не беа забележани посилни турбуленции, како што се стравуваше.