1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот Кил пресилен за Атлетико на Лазаров

БГ/макфакс28 мај 2012

Германскиот шампион ја круниса извонредната сезона со титулата и во најсилното европско натпреварување. Голманот Омејер и стрелецот Андерсон беа преголема пречка за Атлетико и Лазаров.

https://p.dw.com/p/153O1
Фотографија: Reuters

Кирил Лазаров со Атлетико Мадрид не успеа да ја освои титулата во ракометната Лига на шампиони. Атлетико во финалниот натпревар, кој се одигра во Келн, загуби од Кил со 21:26 (10:13).

Капитенот на македонската репрезентација, Лазаров, натпреварот го заврши со пет постигнати гола, со што беше најефикасен во својата екипа.

Лазаров во сезоната 2011/2012 во Лигата на шампиони, со 97 постигнати голови е втор стрелец, веднаш зад Микел Хансен од Копенхаген.

Кил до победата во финалето го предводеше францускиот голман Тиери Омејер, кој имаше 17 успешни интервенции, на теренот Ким Андерсон постигна седум, а Филип Јиха пет погодоци.

Кил, во најголем дел од натпреварот ја одржуваше предноста од три гола, а во моментите кога Атлетико успеваше да се приближи на гол предност Омејер не дозволуваше противникот да стигне до израмнување.

За Атлетико, кој до лани настапуваше под името Сиудад Реал, и за Лазаров ова е втор пораз едноподруго во финалето на Лигата на Шампионите. Лани, Атлетико во финалето загуби од шпанскиот ривал Барселона.

Третото место на завршниот турнир во Келн го освои Копенхаген кој со 26:21 го победи Фуксе Берлин.