1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот автомобилски клуб на удар на јавноста

Б. Георгиевски/афп/дв21 јануари 2014

Најголемиот автомобилски клуб во Германија и во Европа, АДАЦ се извини поради местењето на резултатите на традиционалната годишна награда. Но, тоа веќе доведе до сериозно губење на кредибилитетот меѓу членството.

https://p.dw.com/p/1AuK4
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот авто-клуб АДАЦ призна дека му е нарушен кредибилитетот по откритието дека високи функционери ги манипулирале податоците од анкета при изборот на најпопуларното возило во земјата.

„Ни претстои голема работа за да си ја повратиме разнишаната репутација“, изјави директорот на АДАЦ, Карл Обермајер на прес-конференција во Минхен.

Неговата изјава беше реакција на скандалот кој избувна викендот откако беше откриено дека Михаел Рамштетер, уредник на магазинот на АДАЦ, манипулирал со бројот на гласовите во анкетата во која се гласало за најпопуларно возило во Германија. Весникот „Зиддојче цајтунг“ откри дека бројките во гласањето за наградата, која ја доби Фолксваген Голф, биле преувеличени за 10 пати. Рамштетер веќе поднесе оставка на функцијата, а од Фолксваген најавија дека размислуваат да ја вратат наградата.

Најавувајќи целосна истрага за случајот, Обермајер соопшти дека Рамштетер „признал оти ги манипулирал резултатите, не само оваа, туку и изминатите години“.

Магазинот информираше дека 34 илјади луѓе гласале за Голф, но вистинската бројка на гласови била 3,409. Од АДАЦ тврдат дека иако биле манипулирани бројките, поредокот на победниците бил ист и со оригиналните бројки.

ADAC Pannenhilfe Straßenwacht Gelbe Engel
Фотографија: picture-alliance/dpa

Местењето на резултатите предизвика бран реакции во земјата. Министерот за правда Хајко Мас го повика клубот да го расчисти скандалот во интерес на заштитата на потрошувачите.

„Секој, чии истражувања имаат влијание врз купувачките навики на луѓето, има посебна одговорност кон потрошувачите“, рече Мас.

Фердинанд Дуденхоф, автомобилски експерт од Универзитетот Дуизбург- Есен, вели дека ќе мора да се ревидираат и други истражувања на АДАЦ.

„Ќе мора да бидат повторно проверени истражувањата за безбедноста на автомобилите“, вели тој. „Доколку се кажувале лаги во изборот на автомобил на годината, и другите истражувања се спорни“.

АДАЦ е најголемиот и највлијателниот автомобилски клуб во Европа, со повеќе од 18 милиони членови, и годишен обрт кој се мери во милијарди евра. Освен помошта на пат, и осигирувањето за автомобили, организацијата издава и свој магазин, а поседува и туристичка агенција и бројни малопродажни места.