1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска поддршка, значајна за земјоделството

17 декември 2009

GTZ во Македонија е присутен од 1998 година и спроведува бројни проекти во различни области на техничката соработка помеѓу Македонија и Германија. Меѓу нив спаѓаат и проектите во земјоделскиот сектор.

https://p.dw.com/p/L5HC

Македонија е земјоделска земја со квалитетна и здрава храна, со специфичен вкус и арома. Тоа го знаеја и претставниците на GTZ -Германската техничка соработка кои финансиски подржани од германската влада во соработка со македонската, пред десет години во Македонија започнаа со имплементација на проекти од земјоделството. Имено преку зајакнување на земјоделскиот прехранбен сектор ја потикнаа и економската и институционална моќ во процесот на приближување на Македонија кон Европската унија.

Заокружување на соработката

Бобан Илиќ тим лидер на GTZ проектот ни појаснува „Ова претставува завршување, заокружување на една соработка во областа на земјоделството помеѓу Сојузна Република Германија и Република Македонија во делот на земјоделството, односно земјоделско прехранбениот сектор. Инаку се работи за два проекта спроведени во две фази така да ова е заокружување на вкупната техничка соработка во областа на земјоделството.“

Министерството за земјоделство на Македонија беше партнер во имплементацијата на проектот. Нивниот претставник Томе Мојсовски за проектот потенцира „Овој проект беше учесник во изготвување на многу закони и подзаконски акти кои се дел од имплементацијата на земјоделството со она на Европа, имплементација на Хасап системот. Со овој проект започнаа да се движат и законските акти за безбедност на храната. Ова беше еден голем двигател на македонското земјоделство.“

Кицо Дамовски од Агенцијта за поттикнување и развој на земјоделството од Ресен го истакна големото значење за преспанскиот крај на јаболката од подршката на GTZ проектот. „Овој проект нас многу ни помогна затоа што за првпат во Република Македонија со помош на GTZ се воведоа 9 нови сорти на јаболка кои што се одгледуваат во Европа. До колку GTZ не ги донираше, ние и до денес немаше да внесеме такви квалитетни сорти на јаболка.“

Проект за подобра и поквалитетна храна

Детлев Бетхер од Дирекцијата на GTZ на Германија за значењето на проектот вели „Можам да кажам дека овој проект значеше голема подршка за Македонија во изминативе десет години во земјоделскиот секор и приближување на земјата кон ЕУ. Најбитно е што во тој правец се донесоа многу нови законски регулативи. Но исто така со овој проект придонесе и за подобра и поквалитетна храна, која е многу битна за здравјето.“

Улрике Ганцер Зомер директор на GTZ за Македонија пак истакна „можам да кажам дека многу сум задоволна од реализацијата на овој проект. Тоа се гледа и од самиот факт што проектот постојано беше продолжуван во изминатите 10 години бидејќи земјоделскиот сектор и добрата и квалитетна храна се многу важни елементи кои што Македонија ја водат кон ЕУ.“

Во еден од проектите на GTZ беше вклучена и Емилија Фиданческа од Технолошко –металуршкиот факултет во Скопје. „Сметам дека помогнав во законската регулатива која Македонија треба да ја спроведе. Воедно и како да дојдеме до поздрави традиционални садови, за кои сметам дека она што и во иднина треба да го направи државата во однос на занаетчиските традиционални садови“.

GTZ проектот за земјоделство и храна во Македонија завршува до крајот на годинава. Но, од таму дадоа зелено светло на новоформираната работна група за регионален развој и земјоделство основана од министерствата за земјоделство на земјите од овој поширок регион со седиште во Скопје. GTZ преку германската влада и понатаму ќе ја подржува и Македонија во овој сектор.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Александра Трајковска