1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската (посебна?) улога на Балканот

23 декември 2011

Весникот „Франфуртер алгемајне цајтунг“ во денешното издание донесува интервју со поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс Дитрих Геншер, кој зборува за периодот на распадот на Југославија.

https://p.dw.com/p/13YXR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во декември 1991 година Европската заедница донесе одлука за признавање на Словенија и на Хрватска. По тој повод, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ донесува интервју со поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс Дитрих Геншер. Првото новинарско прашање за Геншер се однесува на тврдењата „присутни пред се’ во литературата на англиски јазик, дека Германија со раното признавање на Словенија и Хрватска ја уништила Југославија, дури и дека сноси одговорност за војната“. Геншер одговара: „Тоа се, се разбира, обиди на други учесници во тогашниот процес да ги надминат сопствените заблуди. Германија претходоно постојано се залагаше за зачувување на Југославија. Ние бевме земјата која негуваше тесни односи со Југославија“, подвлекува Геншер. Токму во таква констелација, Германија, како што тврди Геншер, се погрижи Југославија да и‘ се приближи на Европската заедница, што се објаснува и со тоа дека тогашниот министер за надворешни работи Будимир Лончар го поканил во Белград во јуни 1991 година. „За прв и последен пат таму го сретнав Слободан Милошевиќ. Беше сосема јасно, човекот сака Голема Србија“, вели Геншер и објаснува дека Милошевиќ не го кажал тоа експлицитно, но оставил таков впечаток.

Геншер во интервјуто за ФАЦ потсетува на формирањето на Бадентеровата комисија која требаше да ги утврди правилата на признавање на државите и дека во Европската заедница бил поставен рок до два месеца за наоѓање решение, утврден од тогашниот претседател на Советот на таа организација, Ханс ван ден Брук - рок кој истекуваше во декември 1991 година. На седницата на европската заедница од 16 и 17 декември им беше препорачано на членките на организацијата признавање на Словенија и на Хрватска. Германија се придржуваше до тоа и ги призна двете земји на 15 јануари 1992 година, вели Геншер. Меѓутоа, новинарот го потсетува поранешниот министер дека Германија уште на 23 декември 1991 донесе одлука за признавање на Словенија и Хрватска. Геншер одговара: „Ние не признавме порано. Ние само порано ја донесовме одлуката за признавање. Тоа беше направено затоа што канцеларот Хелмут Кол рече дека владата за ова прашање ќе одлучи пред Божик“ (...)„Кабинетот тогаш само ја потврди одлуката дека ќе ги признае (Словенија и Хрватска) на 15 јануари 1992. За посебна улога на Германија не може да стане збор“ (...) „Ние можевме да кажеме: ги признаваме - веднаш. Но, ние не го сторивме тоа, туку се придржуваме до заедничката европска одлука“, подвлекува Геншер во интервјуто за Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Франкфуртер алгемајне цајтунг во текстот под наслов „Во тешка мисија - Белград одбивно реагира на посетата на германската канцеларка на Косово“, пишува: „Повторно во Белград не се наоѓаа добри зборови за Германија. Додека канцеларката Меркел на Косово, заради нејзиното јасно одбивање на Србија да и‘ се додели статус на кандидат за ЕУ, ја слават како ’втора мајка на нацијата’, од главниот град на Србија одекнува: типично за Германија. Уште еднаш се покажува дека од Берлин или Бон никогаш не дошло нешто добро за Србите, се вели во коментарите во весниците или се слуша во интервјуата на водечките политичари, кои се подготвуваат за парламентарните избори идната година“. Во текстот на авторот Михаел Мартенс понатаму читаме дека канцеларката побарала од српската страна да ги укине „паралелните структури“ на Косово: „Под паралелни структури на северот на Косово во Белград се подразбира нешто сосема друго во однос на западните земји. Во Берлин, Лондон или Париз се мисли на, од Белград финансираните и делумно или целосно од локалните криминалци контролирани, институции или структури на моќ во етнички поделената Митровица и во околината. Во тоа спаѓаат судови, полициски станици, но и криминални мрежи, пред се‘ банди шверцери. Според официјалното толкување во Белград, меѓутоа, под парлалени структури се подразбираат установи како училишта, детски градинки или српската болница на северот на Митровица или тамошниот универзитет. За Белград тоа не се паралалени струкутури, туку единствени од таков вид на српскиот север и оттука од животна важност за косовските Срби. Затоа што канцеларката и други западни политичари, од кои не може да се очекува такво познавање на детал,и во своите јавни изјави најчесто говорат за паралелни структури кои треба да се отстранат, на пропагандистите во Белград им е лесно работите да ги покажат така како Европската унија да бара од Србија на косовоските Срби да им се одземат највиталните институции. Тоа наоѓа плодно тло особено меѓу Србите на северот на Косово. Нивниот страв од продирање на косовската држава на нивниот Север може да биде неоснован, но е вистински. Годините на пропаганда го имаат направено своето“, пишува ФАЦ.

Извор: Франкфуртер алгемајне цајтунг

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска