1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската индустрија со оптимизам ја очекува 2014

Андреас Бекер / Симе Недевски1 јануари 2014

Само пред една година, германската економија со многу страв и песимизам, гладаше во идината. Во меѓувреме состојбата значително се промени. Какви се прогнозите за економскиот развој во Германија за 2014 година?

https://p.dw.com/p/1AhV0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Институтот за економски истражувања во Келн веќе со децении на крајот на секоја година го мери пулсот на домашната индустрија, кој е моментално прилично жив. Од вкупно 48 индустриски здруженија, повеќе од половината тврдат дека состојбата во тој сектор е подобра отколку пред 12 месеци. Голем број од нив се оптимистични во поглед на перспективата за 2014 година.
„Сите клучни индустриски сектори во наредната година ги очекува проширување на производството во однос на 2013 година“, вели директорот на институтот, Михаел Хитер. „Тоа се однесува и на индустриските области, кои пред една година беа скептични, како автомобилската индустрија, железарниците, електроиндустријата или хемискиот сектор.“

Песимизам во банкарскиот сектор

Лошо расположение преовладува само во неколку области. Меѓу нив е и рударството кое веќе некое време се наоѓа на работ на бездната, потоа финансискиот сектор, кој страда од последиците од кризата, а песимистични се и прозводителите на хартија и енергетскиот сектор.

Голем дел од останатите германски компании е во славеничко расположение. Причина за оптимизмот е пред сѐ стабилниот економски развој во Германија, кој во идната година, судејќи според прогнозите, би можел да биде и значително попозитивен отколку во 2013-та. Меѓутоа, нови работни места нема. Приближно е еднаков бројот на индустриски здруженија кои планираат отворање на нови, и на оние кои планираат да го намалат бројот на вработени. Поголемиот број од секторите не очекуваат значителни промени на тој план.

Deutschland Wirtschaftswachstum Metallbauer
Фотографија: imago/Caro

„Постои несигурност во поглед на мерките на новата влада во Берлин, кои се однесуваат на регулирање на пазарот на труд“, објаснува директорот на Институтот за економски истражувања. Реториката на нашиот соговорник, која се темели на резултатите на најновото истражување, не би требало да не‘ изненади. Тој во подобрувањето на економијата гледа непосредни политички барања упатени кон владата во Берлин. Работата на овој институт ја финансираат токму економските здруженија и компании, а тоа значи дека една од неговите основни задачи е укажување на состојбата и на загриженота на актерите во германската економија.

Реформи во енергетскиот сектор?

Работодавците ги загрижуваат мерките кои би можеле да доведат до зголемување на трошоците за работа и работниците, почнувајќи од најавеното воведување минимална плата, па сѐ до даночни придонеси. На самиот врв на листата на грижи на индустрискиот сектор се трошоците за енергија. Од 2000. година, токму поради тоа, многу фирми во Германија инвестираат помалку во производството отколку што би требало, тврди Хитер: „Со оглед на актуелните трошоци за енергија јасно е дека нема да можеме да ја одржуваме индустријата во Германија.“

Symbolbild Export mit Rekordüberschuss
Фотографија: picture-alliance/dpa

За реформи во енергетскиот сектор во новата сојузна влада повеќе не е задолжено Министерството за заштита на животната средина, туку Министерството за економија. „Новиот министер за економија Зигмар Габриел изјави дека ништо нема да се добие од тоа, доколку енергетиката се реформира против волјата на економијата и на граѓаните“, потсетува Хитер. „Сите губат ако се укинат работни места.“

Во анкетата спроведена во 2012 година, германската индустрија беше многу песимистична. Ниту едно здружение не веруваше дека состојбата ќе се поправи во текот на 2013-та. На претприемачите страв во коски им втера пред сѐ кризата на еврото. Меѓутоа, во најновото истражување страв речиси и да нема. Работниците во сите бранши ги смири најавата на шефот на Европската централна банка (ЕЦБ) Марио Драги, кој своевремено изјави дека „ќе стори сѐ што е потребно за да спаси еврото.“

Истовремено, германските економисти со големо внимание ги следат случувањата во големите држави во развој. Во Индија, Кина и во Бразил, економскиот раст го нема повеќе оној замав за кој се зборуваше последните години. За Германците е тоа многу важен момент, бидејќи Германија и натаму е влијателна извозна сила.