1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија 2005

16 декември 2005

Закочен кунјунктурен мотор, изедначена изборна битка, гигантски програми за намалувања, ураган што предизвика високи цени на нафтата: 2005 во најдобар случај беше просечна за германската економија.

https://p.dw.com/p/AeND

Меѓутоа, во реалноста, многу германски фирми пријавија рекордни добивки, германските акции се на највисоко ниво во последниве три ипол години. Јавно да се лелека, а да се постигнуваат сјајни биланси? Германците ги можат обете!

2005-та стартуваше со два истовремни економско-политички големи програми. Со 16 месеци задоцнување на 1 јануари стартуваше таканеречената такса за товарни возила на германските автопати. Од друга страна, стапи на сила таканеречениот Харц 4 закон. Црвено-зелената коалиција ја воведе работата за едно евро. Сојузната влада за помошта при невработеност планираше 14 милијарди евра. Премалку, зашто трошоците до крајот на годината пораснаа на 26. Во почетокот на февруари бројот невработени за првпат ја прескокна границата од 5 милиони. За тогашниот министер за стопанство Волфганг Клемент ситуацијата соодветна на сезоната:

„Сепак ги предупредувам сите што се одговорни или се чувствуваат така, да не паднат во шок ситуација или во хистерија и да прават апсурдни историски споредби или слично. Бројките го покажуваат она што со години е реално во Германија и што, за жал, не успеваме суштински да го промениме. Затоа за мене овие бројки се пет милиони повеќе причини за реформа на пазарот за работа„.

Според мислењето на партиите на Унијата, меѓутоа, високата невработеност не може да се реши со средства на политката на пазарот за работа. Во нивниот план од десет точки стоеше: ослободување на стопанството од даноците, давачките и трошоците за бирократија; продолжување на работното време; даночна реформа, како и намалување на придонесите за осигурување при невработеност за 1 ипол процент. Меѓутоа, програмата што ја предложи претседателката на ЦДУ Ангела Меркел уште во парламентарната дебата со гласовите на црвено-зелената влада беше потопена:

„Пактот за Германија што го посакуваме ние не може успешно да се договори со црвено-зелената коалиција. Посебно кога станува збор за прашања на иднината, на пример високата технологија. Тогаш е посебно тешко„.

Додека „Луфтханза„ ја презеде швајцарската „Свисер„ за околу 300 милиони евра, шефот на социјалдемократите Франц Минтеферинг ја атакуваше зголемената доминација на стопанството. На 17 април тој ја заостри критиката врз капитализмот споредувајќи некои инвеститори со скакулци:

„Мојата критика е насочена против оние што веруваат дека од фирмите можат да земат се што ќе посакаат без да имаат обѕир за тоа што го чувствуваат засегнатите луѓе: како нешто насочено против нивните интереси„.

Неговите забелешки предизвикаа огорчен спор меѓу социјалдемократите и сидникатот, како и Унијата, либералите и стопанските сојузи. Работодавачите и политичарите на Унијата критиката на Минтеферинг ја оценија како исклучително штетна за Германија.

Од спорот вниманието не можеше да го одвлече ниту пролетната прогноза на шесте водечки економски институти. Во тековната година бруто-националниот производ ќе порасне само за 0,7 проценти, соопшти експерот за стопанство Јоахим Шајде:

„Германската економија во моментов се уште се наоѓа во слаба фаза. Сепак, институтите очекуваат да се надмине конјунктурната осека, за потоа да заздрави и во 2006 да се засили„.

Врз основа на таа прогноза, сојузната влада го намали сопственото очекување за тековната година од 1,6 на еден процент, а политичарот на демохристијаните Роналд Пофала и префрли на црвено-зелената коалиција за целосно промашување:

„На оваа сојузна влада и недостига компас за да ја извлече нашата земја од кризата. Оваа влада ја предизвика најголемата нерамнотежа на стопанството во земјата по војната„.

Во Берлин шефицата на ЦДУ Ангела Меркел и тогаш веќе кандидатка за канцеларка, ја претстави својата визија за тоа како Германија повторно да стане водечка држава:

„Тоа ќе го постигнеме само ако поставиме нови насоки за повеќе растеж, со намалување на бирократијата, јасно сознание за иновации, вистинска промена на менталитетот, намалување на трошоците за плати и секако со поедноставен даночен систем. Мора нешто во основа да се промени и во политичкиот стил. Тоа значи да се напушти системот „ветено – прекршено„.

Кон крајот на август за еден момент се проби сосема друга тема во медиумите: ураганот Катрина и неговите последици. Првпат цената на нафтата мина преку границата од 70 долари за барел, а на германските бензински пумпи литар супер чинеше 1,46 евра. Меѓународната агенција за енергија поради тоа ослободи дел од стратегиските резерви, па и Германија продаде еквивалент од скоро половина милион тони сурова нафта. Меѓутоа, цените на енергијата останаа високи и не само што ја зголемија стапката на инфлацијата на 2,5 насто – највисока во последните 4 години – туку и прогнозата на шесте институти се спушти на 0,8 насто, вредност што ја предвиде и министерот за стопанство Волфганг Клемент:

„Оваа мала корекција е причинета од драстичното зголемување на цените на енергијата, посебно на суровата нафта, што видливо го оптовари порастот. И во идната година ова може да биде причина за забавување на заздравувањето на конјунктурата„.

Кон крајот на ноември Германија доби нова влада, а министри за стопанаство и финансии станаа Михаел Глос и Пер Штајнбрик кој за својата нова улога изјави:

„Знам дека оваа нова должност не е баш за радување, а не е ниту без стрес„

Сојузната влада во наредната година ќе се задолжи со нови 41 милијарди евра што е повеќе од само 23-те милијарди за нови инвестиции. Германија повторно ќе го прекрши пактот за стабилност на еврото, па министерот Штајнбрик мора да смета дека Европската комиисја ќе ја заостри постапката поради новиот дефицит. Меѓуотоа, министерот има намера да се врати во „нормала„ во 2007 година. Тоа треба да го обезбеди пред се зголемувањето на данокот на додадена вредност од сегашните 16, на 19 насто. Штајнбрик тврди:

„На оние што ми велат дека не смееме да го покачиме данокот на додадена вредност со добро образложение им давам право. Но, мораат да ми кажат дали потоа треба да ги исчистам социјалните системи, дали на пензиоенрите да им кажам – ќе ги намалиме пензиите, на науката и развојот дека нема пари? Дали сакаме да ги редуцираме нашите меѓународни обврски што ги имаме преку Бундесверот„?