1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија расте и покрај кризата

Моника Ломилер/дпа/Б. Георгиевски14 август 2012

Должничката криза во Европа го зема данокот и врз Германија. Економијата на оваа земја пораснала во вториот квартал од годинава, но со далеку понамалено темпо

https://p.dw.com/p/15pNj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската економија забележа посилен од очекуваниот раст во вториот квартал од годинава, покажуваат официјалните податоци објавени денеска. Бруто-домашниот производ на најсилната европска економија пораснал за 0,3 проценти во трите месеци, заклучно со јуни. Аналитичарите очекуваа растот да изнесува околу 0,1 отсто, пред се’ поради должничката криза на европско ниво и глобалниот пад на бизнис-довербата.

Податоците за германската економија беа објавени паралелно со оние за Франција, кои пак покажуваат натамошна, трет квартал по ред, стагнација на втората по големина европска економска сила.

„Последните податоци се добри, но не би рекол и одлични“, вели главниот економист на Уни Кредит банката, Андреас Рис. „Уште еднаш, германската економија успеа да забележи подобар резултат од нејзините партнери во еврозоната“, вели Рис.

Севкупно, се очекува пораст на германската економија за 1,0 процент во текот на 2012 година, иако полека се надвиснуваат и првите темни облаци. Бизнис-довербата, на пример, падна на најниско ниво во последните 28 месеци.

„Растот е повторно солиден. Но ова би можела да биде последната позитивна вест од Германија во наредниот период“, смета економистот на Комерц Банк, Јорг Кремер.