1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Steuern in Deutschland: Einkommen und Abgaben

14 септември 2011

Луѓето што во Германија заработуваат многу пари, не мора на тоа да платат и многу данок. Зашто висината на „приходот што е подложен на оданочување“ често е под вистинската заработувачка.

https://p.dw.com/p/12Tld
Фотографија: BilderBox

Дел од богатите Германци радо би плаќале повеќе данок од она што финансиските служби во моментов го бараат. Новоразгорената дебата не треба да залаже, зашто Германија, споредено во меѓународни рамки, се наоѓа во долната третина на скалата направена според висината на данокот и другите давачки. Сепак, над просек се оптоварени брачните парови со деца, вели Изабел Клоке, правник во Сојузот на даночни обврзници. „Во тој дел се неопходни подобрувања, за да се дојде до нормалното оптоварување во меѓународни рамки.“

Данок на приход

Данокот на приход во Германија за луѓе што заработуваат над 52.152 евра годишно е 42%. Оние што заработуваат помалку, плаќаат помал данок. За приходи од над 250.400 евра годишно, пак, данокот е повисок за три проценти, односно изнесува 45%. Ако се спореди данокот на приход за луѓе кои заработуваат меѓу 52 и 250 илјади евра на европско ниво, тогаш Германија е некаде на средината, односно меѓу балтичките држави кои имаат околу 22 проценти данок и некои скандинавски земји каде има повеќе од 50 проценти данок. „Овие бројки, меѓутоа, не можат да се споредуваат“, предупредува Изабел Клоке, во разговор со DW-WORLD.DE, зашто делот на приходите што подлежи на оданочување се разликува од земја до земја.

tüten voller geld
Големи приходи = голем данок? Не секогаш!Фотографија: fotolia

Во Германија, претприемачите или оние што се слободни соработници, можат да прикажат намалени приходи кај Управата за јавни приходи, со тоа што од приходите ќе ги изземат трошоците за извршување на нивната работа. Потоа, се изземаат и давачките кои се резултат на некое оптоварување во приватниот живот, како, на пример, нега на членови на семејството кои се хронично болни. Овие трошоци можат да ги одземат од делот на приходи и редовно вработените лица, значи оние кои немаат фирми и не се слободни соработници. Истото важи за посебни давачки, таканаречените трошоци за реклами или трошоците за гориво за стигнување од дома до работното место. Значи, „приходот што се оданочува“ поради различните можности за изземање на различни давачки, може да биде многу понизок отколку што се вистинските приходи.

70.000 закони и прописи

Германското даночно право е веројатно најобемно во светот кога станува збор за уредби и прописи за реализирање на законот. Тука има правила за случаи во кои се вршат исклучоци и специјални прописи за лица кои имаат посебно високи финансиски оптоварувања. Има правила за посебни професии, за претприемачи и слободни соработници, за ученици, студенти и луѓе кои работат само повремено. Причините за оваа тешко прегледна џунгла се многуслојни. Тоа е, од една страна, историски условено, вели Изабел Клоке. Освен тоа, „законодавецот неколку пати во годината носи нови даночни закони“. Згора на тоа, уредби носат и Европскиот суд за човекови права и различни финансиски служби.

Deutschland Haushalt Steuerschätzung Symbolbild
Германските даночни обврзници подолго од половина година работат за да ја полнат државната касаФотографија: AP

Покрај данокот на приход, при анализата на оптоварувањето од даноците, в очи паѓа и данокот на додадена вредност. Во Германија тој изнесува 19% на сите производи и услуги, и 7% на прехранбени продукти. Вкупниот износ на сите даноци и давачки, во Германија, во моментов, изнесува 51%, што значи од секое заработено евро, повеќе од половината оди во различните каси на државата.

Сојузот на даночни обврзници тоа го има пресметано на ниво на дневна заработувачка, па вели дека секој даночен обврзник во Германија, во оваа година, на пример, работел од почетокот на јануари до 6 јули за државата, а потоа почнал да заработува за себе.

Автор: Матијас фон Хелфелд/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Редактор: