1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската врска на Толстој

20 ноември 2010

Денеска (20.11.2010) се навршуваат 100 години од смртта на бардот на руската литература Лав Николаевич Толстој. За неговиот живот е напишано многу, но неговата цврста врска со Германија е се’ уште недоволно истражена.

https://p.dw.com/p/QDjr
Толстој фотографиран во 1908 година во Јаснаја ПолјанаФотографија: Staatliches L.N. Tolstoj Museum, Moskau

Од Рајнер Мариа Рилке па се‘ до Томас Ман, голем број германски писатели го обожувале Лав Николаевич Толстој. Рускиот писател останува омилен во Германија особено со неговите култни дела, историскиот еп „Војна и мир “ и драматичната семејна приказна за несреќната „ Ана Карењина“. Иако за животот на Толстој е напишано многу, сепак неговата врска со Германија е се‘уште недоволно истражена. По повод 100 годишнината од неговата смрт на на 20 ноември, во Минхен е отворена изложба која ја покажува повеќеслојната поврзаност на класикот на рускиот реализам со Германија.

„Ми светна“, запишал Толстој на германски јазик во 1861 година по средбата со германско-еврејскиот книжевник Бертолд Ауербах во Берлин. А дека тоа го запишал на странски јазик, воопшто не зачудува. Бројните рачни белешки на Толстој се напишани на германски. Тоа го покажува и дневникот на Толстој кој може да се види на изложбата во „Куќата на литературата“ во Минхен.

Tagebuch von Lev Tolstoj
Дневникот на ТолстојФотографија: Staatliches L.N. Tolstoj Museum, Moskau

„Насекаде се вметнати германски изрази. А особено е занимливо дека тоа 20-30 години подоцна го пронаоѓаме како клуч за некое дело“, вели кураторката на изложбата Јохана Деринг Смирнов.

Бетовен и Бах биле омилени композитори на Толстој

Копии од ваквите патеписни дневници од периодот меѓу 1857 година и 1861 година, можат да се видат на минхенската изложба, која на посетителите им нуди и извадоци од коресподенцијата на Толстој со некои од околу 2000 германски читатели и слични вредни документи. Тие покажуваат дека овој руски писател добро ја познавал Германија:

„Тој ја сакал Германија, германската музика, Бетовен, Бах, филозофите и германските писатели, кои ги читал на германски јазик“, вели Светлана Новикова, експерт за делата на Толстој од Толстоевиот музеј во Москва.

Германски, рускиот писател научил од својот домашен учител Фридрих Ресл. Но Толстоеви го викале Фјодор Иванович, раскажува Јохана Деринг Смирнов:

„Тој бил германски војник кој дезертирал, чевлар, значи едноставен човек, но со доблест која Толстој очигледно ја научил од него: тоа е сожалувањето и сочувството“

Критичар на царевите

Bildkombo Lev Tolstoj und Sofja Andrejewna als Braut
Сопружниците Софија Андрејевна и Лав ТолстојФотографија: Staatliches L.N. Tolstoj Museum, Moskau

Важна улога во формирањето на чувството за правдина кај Толстој играл и неговиот германски професор Мејер во Казан. Стручњакот за граѓанско право му дал на 17 годишниот Лав задача да ја спореди руската кралица Катарина Велика, која инаку била Германка со францускиот просветител Монтескје:

„Тоа на Толстој толку му се допаднало, што станал критичар на царевите, но пред се’ од Мејер ја научил одговорноста за своите селани и правилото дека не е толку важно да се филозофира, туку дека филозофијата треба да се спроведува во праксата“, вели Деринг Смирнов.

По прекинувањето на студиите во Казан младиот гроф Толстој настојувал своите идеи за „владејачкиот просветител“ да ги спроведува на семејниот имот во Јаснаја Полјана. Тој ги образувал селаните. Во Германија пак залудно барал пример за такво нешто. Во своите дневници тој се ужаснува од казнувањето на учениците со ќотек и принудувањето да се учи напамет.

Слободата ја одредува духовниот развој

Das namenlose Grab von Lev Tolstoj NEU
Неозначениот безимен гроб на Толстој во Јаснаја Полјана

Врската на Толстој со Германија се зацврстила во 1862 година, со венчавката со германската Русинка Софија Андрејевна Берс. Тие имале 13 деца. Неговата сопруга, помлада 16 години од него, била негова долгогодишна помошничка во работата, се до радикалната промена во 1891 година. Тогаш 63 годишниот Толстој се одрекол од сите сталешки привилегии и авторски права и почнал да живее како обичен селанец.

До конечен слом меѓу сопружниците дошло кратко пред смртта на Толстој. По кавгата со сопругата, 82 годишниот Толстој го напуштил домот и починал неколку дена подоцна на 20 ноември 1910 година на една железничка станица. Тој бил погребан во родното место, Јаснаја Полјана , без име на гробот, како што самиот сакал. Директорот на Толстоевиот музеј во Москва Виталиј Ремизов го смета тоа за многу поучно: „Од него во секој случај може да се научи дека слободата не ја одредуваат надворешни чинители, туку внатрешниот духовен развој“.

Автор: Анила Шука/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска