Германската влада не се откажува од притисок врз Украина
5 мај 2012Ваквата позиција ја изнесе министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих за „Билд ам Зонтаг“, додавајќи дека ги поздравува заканите за бојкот на европското фудбалско првенство што треба да се одржи во Украина.
Официјален Киев знае дека Европа ја набљудува источноевропската земја. Но, досега заканите не вродија со плод. Шефот на пратеничката група на СПД Франк-Валтер Штајнмајер е против бојкот на фудбалското првенство. Спортскиот натпревар не треба да се става во служба на политиката, смета тој.
Во меѓувреме, украинскиот премиер Микола Азаров побара од Западот да не ги зема без критика извештаите за злоставувања на Тимошенко. Инаку, украинскиот главен обвинител Виктор Пшонка, денеска (05.05) треба да ги објави резултатите од официјалната истрага за обвинувањата дека опозиционата лидерка Јулија Тимошенко била тепана во затворот.