1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ќе стави дополнителен потпис за Сирија

ЖА/дв/ртре/афп/дпа7 септември 2013

Министрите за надворешни работи од ЕУ бараат заеднички „силен“ одговор на употребата отровен гас во Сирија. Со тоа, смета германската влада, се исполнети условите за и таа да ја потпише декларацијата на државите од Г20.

https://p.dw.com/p/19dXB
Фотографија: picture-alliance/dpa/Maurizio Gambarini

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на маргините на дводневната средба со своите колеги од ЕУ, која се одржува во Вилнус, прекумерно и со патос го пофали европскиот став во однос на сириското прашање, употребувајќи ги термините „извонредно и многу мудро“. Со оглед на постигната заедничка позиција на ЕУ-државите, канцеларката Ангела Меркел и тој решиле да ја поддржат и дополнително да ја потпишат и декларацијата на Г20 за Сирија. Во декларацијата, прифатена од 11 членки на Групата 20 светски најважни економии, меѓу другото е побаран јасен меѓународен одговор на извршената употреба на хемиско оружје против цивилите во Дамаск.

Aussenministertreffen in Vilnuis Litauen US Aussenminister Kerry und Ashton
Кетрин Ештон и Џон Кери во ВилнусФотографија: picture-alliance/dpa

Тоа го предвидува и позицијата на ЕУ: членките заеднички се заложија за „јасен и силен одговор“ на употребата на хемиско оружје, соопшти високиот претставник на УНијата за надворешна политика, Кетрин Ештон во литванската престолнина Вилнус, каде се одржува дводневната средба на шефовите на дипломатиите на ЕУ-државите.

Да се сочека извештајот на ОН

Ештон во името на министрите за надворешни работи ја поздрави најавата на Франција, пред евентуалниот воен напад врз режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад да се сочека извештајот на ОН за користењето отровен гас во Сирија. ЕУ тоа би го сакала и од американскиот претседател Барак Обама. Но, неговиот министер за надворешни работи, Џон Кери, при краткиот престој меѓу своите европски колеги и размената на мислења во Вилнус, не можеше да даде такво ветување. Кери сепак покажа разбирање за воздржаноста на Европејците, а сега ќе се советува со Обама, пренесе германскиот министер Вестервеле.

Обама во своето неделно радио-обраќање одново изврши притисок врз Конгресот да даде согласност за воен напад врз Сирија. Парламентарците в понеделник се враќаат од летната пауза, а за во вторник е најавено обраќање на Обама до нацијата.