Германија – Турција: дуел на страсни навивачи
25 јуни 2008
Двете екипи што во текот на турнирот прикажаа големи, делумно и неочекувани достигнувања и се надеваат на титула – се сретнуваат вечерва (25.06.) во Базел. Простор за загриженост има, но политичарите и експертите се оптимисти, исто како и претседателката на зелените, Клаудија Рот.
„Нема простор за загриженост. Очекувам добар фудбал. Очекувам да помине фер и, иако звучи клише, нека победи подобриот. Најдобро би било ако се радуваме заедно“.
На преден план е спортот
Иако безбедносните власти веќе се подготвуваат за случај на инциденти, експертите сметаат дека опасноста е многу мала и е сведена на помали, изолирани групи. И професорот Клаус Баде од Универзитетот во Ознабрук дава оптимистички прогнози:
„Можеби ќе има неколку хулигани, но да не заборавиме дека на преден план е сепак спортот, а не насилството. Мали, излорирани хулигански групи има секогаш, но важно е мнозинството да остане присебно“.
Германија и Турција се пријателски земји
И берлинската сенаторка за интеграција, работа и социјални прашања, Хајди Кнаке-Вернер, не е воопшто загрижена. Таа смета дека кој и да победи, германските и турските фанови ќе слават заедно.
„Воопшто не сум загрижена, затоа што сметам дека двете националности се способни да слават заедно, независно од тоа како ќе заврши играта. За тоа се работи во овој случај. Убедена сум дека по завршницата, сите ќе бидат победници“.
Познатиот турски спортски новинар Фаик Гурсес, пак, потсетува на традиционално добрите односи меѓу Турција и Германија.
„Турција и Германија се пријателски земји. Со Германија никогаш не сме имале проблеми. Ние ги сакаме нив и тие не` сакаат нас. Но во полуфиналето ќе ја сакаме Германија малку повеќе и ќе се надеваме на финале.“