1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од налет на Бугарите и Романците

ЖА/дв/ард30 декември 2013

Експертите во Германија предупредуваат од преувеличување на опасноста од доселување сиромашни Бугари и Романци. ЦСУ планира отежнување на пристапот до германскиот социјален систем. СПД го критикува коалицискиот партнер.

https://p.dw.com/p/1AiBn
Фотографија: imago/epd

Тврдиот курс на Христијанско-социјалната унија против можниот наплив на „сиромашна миграција“ од Романија и Бугарија по стапувањето во сила на одредбите за слободно движење на работната сила во ЕУ, која од 1. јануари 2014. година важи и за овие две земји, наидува на остра критика на коалицискиот партнер, Социјалдемократската партија. ЦСУ стравува дека од почетокот на следната година Германија ја очекува голем доселенички бран од Бугарија и Романија.

Оној кој интонира вакви мелодии, подготвува терен за танц на десните екстремисти, изјави портпаролот за внатрешна политика на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Михаел Хартман, за „Тагесшпигел ам зонтаг“. „Антибегалската политика“ на ЦСУ не е можна со СПД како коалициски партнер, напиша на Твитер заменикот претседател на СПД, Ралф Штегнер.

Точно е дека некои општини во Германија се поставени пред големи предизвици поради т.н. доселување поради сиромаштија од југоисточните држави на ЕУ, но ним не им е потребен никаков популизам, туку првенствено брза и ефикасна финансиска помош, истакна новата ополномоштеничка на владата за прашања на интеграцијата, членка на СПД, Ајдан Озогуз. Таа предупредува да не се прави баук поради слободниот проток на работна сила.

„Оној кој смета дека сите луѓе од Бугарија и Романија се сиромашни и кај нас ќе бидат само товар на социјалниот систем, ги онеправдува многуте висококвалификувани, кои кај нас работат на пример како лекари и негуватели во здравството“, вели таа.

Aydan Özoguz
Ајдан ОзогузФотографија: picture-alliance/dpa

ЦСУ: кој ќе лаже, ќе лета

Од јануари граѓаните на Бугарија и на Романија, како и останатите граѓани на ЕУ, ќе имаат слободен пристап до германскиот пазар на работна сила. ЦСУ затоа на партискиот конгрес на почетокот на годината во Кројт сака да побара построги правила. Во предлогот, до кој дојдоа медиумите, се вели: „Ние се залагаме за слободен проток на работна сила во ЕУ. Но, ние одбиваме доселување во нашиот систем за социјална заштита. Продолжената злоупотреба на европското право на слободно движење на работниците преку сиромашните доселеници не го загрозува само прифаќањето на одредбата од страна на граѓаните, туку и општините ги става на границите на нивните финансиски можности“.

Во овој контекст партијата врши проверка на можноста „во првите три месеци од престојот во Германија да биде генерално исклучен пристапот до социјална помош“. Освен тоа, би требало да се овозможи и воведувањето забрана за повторно влегување во земјата: „Оној кој на пример фалсификува документи или за кого ќе биде докажано дека со фалсификат добил социјална помош, треба да може не само да биде протеран, туку и да му се забрани повторен влез“, се вели во документот. Тоа одговара и на барањето на поранешниот министер за внатрешни работи, Ханс-Петер Фридрих.

Bildergalerie Wanderarbeiter
Фотографија: Mauricio Bustamante

Неосновани стравови?

Досега постојат само генерални проценки колку доселеници од Бугарија и Романија би дошле во Германија. Институтот за истражување на пазарот на труд од Нирнберг очекува околу 100 илјади до 180 илјади годишно од двете земји. Експертите ризик гледаат во ниските квалификации на доселениците од Романија и Бугарија. Според неодамна објавена студија на овој институт, 21 процент имаат високо образование, 33 проценти се со стручно образование, но 46 проценти се без никакви квалификации. Романците и Бугарите најчесто наоѓаат работа во ниско платените услужни дејности, на пример во гастрономијата или се ангажирани како сезонски работници во земјоделството.

Но, експертите заклучуваат: „Бројките за вработувањето и работниот придонес не ја оправдуваат паушалната квалификација на доселениците од Романија и Бугарија како мигранти поради сиромаштија“.