1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Стопиран договорот за шпионирање со САД

ЖА/два/дпа/афп/ртре3 август 2013

Германската влада успеа да го деактивира договорот за шпионски акции со САД и со Велика Британија. Но, експерти предупредуваат дека сојузниците и во иднина можат легално да шпионираат во земјата.

https://p.dw.com/p/19JBy
Фотографија: imago/INSADCO

Разгорената дискусија околу програмите за надгледување и прислушување на странските тајни служби во Германија имаат веќе прва консеквенца. По 45 години, Германија се повлече од договорот за размена на податоци меѓу тајните служби, склучен со Велика Британија и САД во 60-те години на минатиот век, како резултат на скандалот со прислушувањето на комуникациите од страна на американските разузнавачки агенции, што го обеллодени соработникот на НСА, Едвард Сноуден.

„Раскинувањето на административниот договор е нужна и логична последица на дебатата за заштита на неприкосновеноста на личниот интегритет“, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле. Германската канцеларка Ангела Меркел, во пресрет на септемвриските парламентарни избори, се најде под притисок од опозицијата да обелодени каква е улогата на нејзината влада во следењето на комуникациите на државјаните на Германија од страна на американските тајни служби. Германската влада тврди дека никогаш не им одобрила на американските и на британските разузнавачки служби „да ги кршат законите кои ја штитат неприкосновеноста на личниот интегритет во Германија“.

Historiker Josef Foschepoth
Историчарот Јозеф ФошепотФотографија: Christoph Breithaupt

Берлин сепак призна дека постои договор склучен за време на Студената војна, со кој Велика Британија, САД и Франција можат да побраат од германските власти дозвола за спроведување на операции за следeње во Германија во интерес на заштита на нивните војници стационирани на германска територија.

Договорот од 1968/1969 година е раскинат со заемна согласност, се вели од Министерството за надворешни работи од Берлин. Но, според мислењето на историчарот од Фрајбург, Јозеф Фошепот, раскинот на договорот нема практично никакво значење. Врз основа на тоа што правотo на тајните служби од САД, Велика БРитанија и Франција е веќе влезено во германските закони, тие и натаму можат легално да го шпионираат интернетот и телефоните во Германија.

„Според законите, германската влада е обврзана да се придржува на ова право“, вели историчарот.

Врза основа на договорот од 1959 година за статусот на НАТО-трупите, Германија е обврзана на сојузниците да им доставува информации и најтесно да соработува со нив.