1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија најмногу оружје извезува во Саудиска Арабија

ЕМФ/ард/дв20 ноември 2013

Германската влада во 2012 година дала многу помалку дозволи за извоз на оружје во споредба со годината претходно. Според дозволите, најмногу оружје треба да заврши во Саудиска Арабија.

https://p.dw.com/p/1ALSG
Фотографија: picture-alliance/dpa/Krauss-Maffei Wegmann

Во текот на 2012 година биле издадени дозволи за извоз на оружје во вредност од 4,7 милијарди евра, се вели во извештајот за извоз на оружје што германската влада го усвои денеска (20.11). Тоа е за 13 проценти помалку во споредба со 2011 година. Што се однесува до вредноста на оружјето кое навистина било извезено, таа изнесува 946 милиони евра. Во 2011-та година, беше извезено оуржје во вредност од 1,3 милијарди евра.

Од дадените дозволи за извоз во текот на минатата година, 59% отпаѓаат на земји кои не се членки на ЕУ и НАТО. Земја која според издадените дозволи добива најмногу германско оружје е Саудиска Арабија. Вредноста на оружјето за кое е дадена дозвола да се извезе во Саудиска Арабија изнесува 1,2 милијарди евра. Притоа, 1,1 милијарда евра чини еден голем проект за обезбедување на границата на оваа земја. Други важни купувачи на германско оружје се САД, Алжир, Велика Британија и Канада.

Извештајот за извоз на оружје покажува дека многу се зголемиле дозволите за извоз на т.н. ситно оружје. Од оваа категорија, издадени за дозволи за оружје во вредност од 37 милиони евра, или речиси двојно повеќе отколку во 2011-та.

Партиите на Зелените и на Левицата го критикуваат зголемувањето на извозот на оружје за Саудиска Арабија. Партијата на Левицата соопшти дека владата на Меркел на зборови е на страна на реформаторите во арапскиот свет, а со својот извоз на оружје „ги поддржува деспотите“. Катја Којл, експерт на Зелените за прашања на вооружувањето, рече дека „Германија се‘ повеќе се збогува од рестриктивната политика на извоз на оружје и ги игнорира сопствените насоки и извештаи за човекови права“.