1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија – куса станица за македонските деца-азиланти

Силвера Падори-Кленке12 јуни 2012

Мал е бројот и краток е престојот на македонските деца-азиланти во Германија. Остануваат до три месеци, за разлика од четирите години, кои во социјална изолација ги минуваат околу 16.000 деца од други земји во светот.

https://p.dw.com/p/15AiE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германија не е ветената земја! Ниту за „главите“ на многуте македонски семејтва кои во минативе две години стасале во Германија во потрагата по подобар живот, ниту за нивните деца, кои воопшто не ќаруваат од азилантската авантура на своите родители. Затоа што, како што кажаа и претставниците на кампањата „Сега попрво права за децата на бегалците“, иако Германија е потписник на Меѓународната конвенција за правата на децата, не ја има адаптирано придружната законска регулатива во делот за престој и азил.

Поради ова и претставниците на повеќе организации, кои ги следат правата на најмладите во Германија, сметаат дека односот кон децата на барателите на азил е  „политички и морален скандал“ или, пак, „срамота за демократската правна држава“, како што кажа и Волфганг Тирзе, вице-претседател на Бундестагот и покровител на Националната коалиција за примена на Конвенцијата за децата на ОН.
   
Скусени болки со експресното враќање!

Кога се во прашање децата на барателите на азил од Македонија, надлежните од Покраинската дирекција на Саксонија од Кемниц сметаат дека е добро што нивниот број е мал и што главно кус период престојуваат во специјализираните објекти пред да бидат вратени во татковината. Статистиката на Сојузната служба за миграција и азил од Нирнберг, пак, вели дека  лани, споредено со 2010-та,  бројот на барателите на азил од Македонија е преполовен. Поточно, ако во 2010-та година во Германија имало 2.466 подносители на барања за азил од Македонија, лани се евидентирани 1.131 барања, што е намалување од  54,1 процент. Иако нема конкретни бројки за старосната структура, ова значи дека и бројот на децата кои стасале во Германија, како дел од семејствата од Македонија, е преполовен.

Asylbewerber im Wohnheim der Ausländerbehörde
И децата баратели на азил се сепак - само деца!Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Службата која се занимава со барателите на азил од Кемниц велат дека месечно  во нивните објекти престојуваат од 10 до 13 деца од Македонија. Бројката е различна, затоа што едни заминуваат, а други доаѓаат.  За школските деца не се организира настава на германски, бидејќи, како што дополнија во одделението, не само што нивниот број е мал, туку и престојот е релативно краток - од 6 недели  до најмногу 3 месеци.

По завршувањето на процедурата која се одвива брзо и чиј епилог е главно одбивање на барањето за азил, затоа што не се исполнети пропишаните законски услови, децата со семејствата од Кемниц се враќаат во татковината. Потребните патни листови и документи се обезбедуваат во директна соработка со МВР или со амбасадата на Република Македонија во Берлин.

Инаку, податоците за првите месеци од оваа година велат дека во вкупниот број  баратели на азил во Германија, Македонија учествувала со 3,1 процент. Во четирите месеци од 2012-та за првпат барање за азил поднеле 478 лица, а до сега ниту еден не го добил саканиот статус и за сите е во тек постапката за враќање или се веќе вратени во татковината.

Без елементарни права

Организациите за заштита на правата на децата од Германија најмногу реагираат за третманиот на 16.000  деца (од Авганистан, Ирак, Србија, Иран, Сирија, Пакистан...) кои го чекаат исходот на постапката за добивање азил, но и за 3.000 до 6.000 деца кои во Германија пристигнале сами, без придружба на  родител. Сите тие се принудени да живеат во безмалку социјално изолирана средина, без посета на училиште, со минимална „социјална помош од втора класа“, како што ја нарече Алберт Риделсхајмер, претставник на „Про Азил“. Ваквиот третман е резултат на законите кои ги регулираат односот на државата кон странците,  доселувањето, азилот и бегалците.

Symbolbild Asylbewerber Asyl Migranten Asylant Asylantenheim
Постапката до конечното одбивање на барањето за азил за Македонците трае во просек три месециФотографија: picture-alliance/dpa

„Се’ додека правото на странците е пред правата на децата, многу детски животи ќе бидат уништени“, смета и социологот Лотар Крапман, инаку еден од покровителите на Кампањата за правата на децата на бегалците. Според досегашното искуство, од поднесувањето барање за азил до конечната одлука минуваат и до четири години, што значи дека  децата од ваквите семејства овој период најчесо го минуваат во еден вид социјална изолација. Затоа и се бара интервенција во регулативата за децата со нерасчистен статус за престој, кои треба да имаат право на образование и на здравствена нега.